Откако беше спроведена редовната дезинсекција и дератизација, како и акција за спречување на појава на влекачи по населените места, во општина Карпош се поставува „Репелент“ – средство за превенција, односно заштита од змиите.
Станува збор за природен производ кој е безопасен за луѓето, животните и околината, којшто придонесува за намалување на појавата на влекачи. Ова ефикасно средство содржи екстракција на етерични масла од тревки и дрвја, а дејствува на тој начин што шири мирис на свеж оган, при што ги одбива змиите да се приближат до одредена површина.
Оваа ситуација е карактеристична за повисоките места во општината како што се Жданец и Трнодол, населби кои граничат со шумско подрачје и долж течението на реката Вардар. Појавата на влекачи во овие делови е резултат на покачените температури во скопската котлина, како и распространетата вегетација.
Овие два дена, „Репелент“ се поставува во горепосочените места, како и околу градинките и дел од детските игралишта кои се попосетени. Општина Карпош ги повикува сите граѓани, кои ќе забележат појава на змии во нивните населби, да ја контактираат општината, со цел да се делува на соодветен начин.
МИА