Совет на амбасадори: Институциите на ЕУ не треба да станат форум каде ќе се дебатираат историски прашања – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/21 4:16 PM

Совет на амбасадори: Институциите на ЕУ не треба да станат форум каде ќе се дебатираат историски прашања

Советот на Амбасадори со големо разочарување ја прими одлуката на Советот за општи работи на Европската Унија да не препорача одржување на првата меѓувлaдина конференција меѓу Република Северна Македонија и ЕУ поради натамошното силно и неразбирливо спротивставување на само една земја членка на Унијата, соседна Република Бугарија, велат во соопштението до јавноста по повод ветото на Република Бугарија кон пристапните преговори на Северна Македонија во Европската Унија.

Советот смета дека ова е една од повеќето неправди што и се нанесени на нашата земја на нејзиниот пат кон евроинтеграциите од нејзиното осамостојување до денес иако земјата секогаш ревносно ги исполнува поставените барања од Унијата во делот на реформите во многу области на живеењето.

-Советот жали што овој пат Македонија и нејзините досега стабилни добрососедски односи со Бугарија на непримерен начин станаа дел од предизборната кампања во оваа земја членка на Унијата преку барања кои беа во спротивност со европските вредности, стандарди и принципи на дејствување. Советот исто така смета дека институциите на ЕУ не треба да станат форум каде ќе се дебатира за историски прашања на народите туку место каде ќе се расправа за продлабочување на пријателството меѓу народите, сеопштиот економски, социјален и културен просперитет, успешната борба против меѓународниот тероризам и искоренување на пандемијата КОВИД 19. Советот на Амбасадори оценува дека многу пати повторената констатација на Комисијата на ЕУ дека на земјите на Западен Балкан местото им е во Унијата без конкретни резултати е неисполнување на очекуваните обврски на ЕУ со што се нарушува и кредибилитетот на Унијата, стои во соопштението.

Тие оценуваат дека постои недостаток на соработка и големи ралики во ставови помеѓу политичките актери во земјата во однос на надминувањето на овој сериозен политички проблем и треба да се бараат посовремени начини на создавање на долгорочна стратегија во развој на добрососедски односи.

Советот на Амбасадори изрази подготвеност да придонесе во осовременување на стратегија за дијалог, со оглед на тоа дека досегашната по сите параметри не ги дала очекуваните резултати.