Протест на жители од Поречкиот крај – бараат изградба на регионален пат од Скопје до Македонски Брод – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/21 3:09 PM

Протест на жители од Поречкиот крај – бараат изградба на регионален пат од Скопје до Македонски Брод

Жителите од Поречкиот регион денеска организираа протест изразувајќи незадоволство од повеќедецениското нерешавање на прашањето за изградба на регионален пат меѓу населените места во рамки на општината Македонски Брод и Скопје.

Тие го блокираа булеварот „Борис Трајковски“, во насока на Драчево и регионалниот пат 1106 во правец на селото Батинци кон шумскиот резерват „Јасен“, како и улицата „Маршал Тито“ во Македонски Брод.

Организатор на протестот беше здружението на граѓани „Поречки средби“, а протестот се одржа согласно донесената одлука на граѓанските здруженија од поречкиот регион и повеќе совети на месните заедници во рамки на општината.

Претседателот на здружението, Горан Ѓуроски истакна дека во повеќе наврати биле доставени дописи до Министерството за транспорт и врски, Владата и до Јавното претпријатие за државни патишта, но оти ништо не е направено.

-Од Скопје до Самоков и многу околни села сè уште се доаѓа само низ резерватот „Јасен“ и тоа само во три термини во лето и два во зима. Траса долга 16,5 километри се вози по необезбеден пат широк само 2,5 метри. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 километри преку Кичево до Скопје. Ова е вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај гравитираат 45 села и шест викенд-населби, вели Ѓуроски.

Жителите најавија дека доколку не се прифати нивното барање, ќе опстојат на претходно донесената одлука за бојкот на претстојните локални избори закажани за октомври оваа година, со што ќе го изразат револтот кон Владата и институциите. 

МИА

Фото: Фејсбук/Општина Македонски Брод