Денеска во зградата на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорката на Сад Кејт Брнз одржаа заедничка прес конференција.
-Тука е амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз со цел да означиме еден почеток на работа на еден многу важен дел во целото менаџирање на оваа криза, а тоа е лабораторијата за микробиологија, во рамки на Институтот за јавно здравје. Овој важен дел го направивме со помош на амбасадата на САД, а тоа е надградба на лабораторијата која сега единствено во регионот има Bio Safety Level 3, тоа значи дека се сега способни на соодветен начин, акредитиран според највисоките светски стандарди да детектираат секаков тип на патогени предизвикувачи на било каква болест, тоа значи дека сме спремни да менаџираме било каква криза, рече Филипче.
-На овој начин САД покажаа што значи партнерството, да се биде блиску до државите кои што блиску соработуваат, да се зајакнат системите, не само еднократно, туку трајно за да може да менаџираме било каква криза. Со оваа донација од близу 570 илјади долари, вкупната помош која САД ја дадоа на нашата земја за да се зајакне целокупниот здравствен систем изнесува близу два милиони долари, истакна министерот Филипче.
На новинарско прашање дека денес пристигнуваат 100 илјади вакцини на Фајзер, кога ќе пристигнат вакцините и за кои групи ке бидат наменети, министерот рече дека системот за закажување термини е ревидиран, а сите луѓе кои се пријавени, а тоа се околу 150 илјади во изминатиов период, до 15 јули планот е сите да бидат вакцинирани, со тоа што Фајзер вакцините ќе се распределуваат во големите центри за вакцинација каде што има фрижидери, а вакцините на Синовак и таму и во другите помали здравствени домови поради тоа што полесно се даваат. Вакцините се очекува да пристигнат во попладневните часови. Без разлика кога се пријавиле граѓаните и помладите, сите ќе добијат термин во следните недели, од понеделник.
Министерот исто така истакна дека пет проценти зголемувањата на платите на здравствените работници кои доцнеле изминатиов период од месец март навака, ќе бидат исплатени наеднаш од понеделник.