Текстил за војнички униформи, што ќе детектира дневни гасови со промена на самата боја – Иновација на професрото Игор Јорданов – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/21 11:53 AM

Текстил за војнички униформи, што ќе детектира дневни гасови со промена на самата боја – Иновација на професрото Игор Јорданов

Во НАТО  можеме да придонесуваме и како иноватори и како луѓе од науката и да покажеме дека државата има што да понуди и на овој план, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по средбата со професорот од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје Игор Јорданов за проектот за иновативен високо-технолошки текстилен материјал за војничка униформа, наменет за припадниците на Армијата и за земјите-членки на Алијансата, поддржан од Програмата на НАТО – „Наука за мир и безбедност”.

Јорданов доби проект од НАТО што практично ќе значи револуција во квалитетот на војничката униформа, а се состои во креирање текстилен материјал за војничка униформа, која нема само да штити од температури и други надворешни влијанија, туку ќе биде и детектор за предупредување од опасности, како што е присуство на нервен гас. Од исклучителна важност за нас е што оваа технологија е наменета за нашите придпаници, а секако и за припадниците на армиите на земјите – членки на НАТО.

Шекеринска изрази задоволство што после еден подолг период, како што рече, денеска покажуваме дека нашата земја не е само воена сила која што може да придонесува во НАТО-Алијансата, туку во Алијансата можеме да придонесеме и како иноватори.

–  Во успехот на професорот Јорданов и целиот негов тим да кажам дека ова го сметаме и како повик до сите истражувачи, до сите научници да ја пробаат шансата која што ја дава НАТО програмата Наука за мир, програма која што и претходно беше отворена за нас, но сега како земја членка можеме да бидеме дури и предводник на ваквите тимови, рече Шекеринска.

Таа ја повика академска заедница да бидат поангажирани и да знаат дека ќе ја добијат секогаш поддршката на државата, на Владата и на МО.

– Нашите планови за 2022 година се уште поамбициозни. Би сакале и во буџетите за одбрана да обезбедиме еден дел од средства коишто ќе ги намениме за поддршка на домашните научници и домашната наука, а се со цел и ние да го следиме чекорот на НАТО кој се повеќе се врти кон иновации кои се важни во одбраната и коишто ќе значат дека Алијансата и ние како нејзина членка нема да го изгубиме чекорот со технолошкиот развој кој ја дефинира и нашата безбедност. Така што сакам да честитам навистина на професорот, а воедно и да ги поддржиме нашите научници, нагласи министерката Шекеринска.

Професорот Јорданов појасни дека овој проект има за цел да развие повеќе функционална униформа што ќе биде огноотпорна, ќе штити од микроорганизми и од УВ-зрачење и што е најбитно ќе детектира дневни гасови со промена на самата боја. Тој информира дека е предвидено според НАТО програмата двајца млади истражувачи од нашата држава, двајца од Србија и двајца од САД да бидат вклучени.

– Значи, НАТО ги финансира младите истражувачи да бидат дел од истражувачкиот тим. Тоа е еден од главните услови и освен нашите научници што ќе одат во САД и во Србија и останатите млади истражувачи ќе дојдат кај нас за да бидат обучувани за одреден дел од проектот, изјави професорот Јорданов.

МИА