Да беше жив ќе наполнеше 65 години – За претседателот Трајковски заборав не смее да има – ММС
ММС

Објавено на: 06/25/21 11:38 AM

Да беше жив ќе наполнеше 65 години – За претседателот Трајковски заборав не смее да има

Денеска пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, беше одбележана 65 годишнината од неговото раѓање, со полагање цвеќе и пригодна програма.

Цвеќе положија градоначалникот на Струмица Коста Јаневски заедно со претставници на Советот на општината, членови на семејството Трајковски, граѓани, политички партии и здруженија.

– Многу пати досега сме зборувале за животниот и професионалниот пат на нашиот сограѓанин и секогаш тие наши навраќања за неговиот живот и дело изобилувале со бројни факти, потсетувања на значајни настани и редица извадоци од негови изјави, но и изјави од други светски државници за него. Сето тоа станува дел од нашата меморија и причина да бидеме единствени во заложбата: „За претседателот Трајковски заборав не смее да има“, рече во својот говор градоначалникот Јаневски.

На одбележувањето беа доделени наградите за најдобрите творби од распишаниот литературен конкурс во чест на Трајковски-„Миротворецот“, а наградените беа прочитани пред неговиот споменик.

Вториот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, е роден на 25 јуни 1956 во селото Моноспитово. Тој е близнак со брат му Александар и е трето дете во семејството.

Од тројцата браќа Трајковски повеќе никој не жив. Најстариот Мојсеј почина во април лани.

МИА