Пипен: Дурант не е тимски играч и никогаш нема да биде Леброн Џејмс – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/21 11:00 PM

Пипен: Дурант не е тимски играч и никогаш нема да биде Леброн Џејмс

Сезоната во НБА лигата првпат по неколку години во завршницата е и повеќе од возбудлива, а истакнувањето на некои екипи кои не беа преферирани од букмејкерите и испаѓањето на актуелниот шампион Лос Анџелес Лејкерс, како и можеби фаворитот број еден за трофејот, Бруклин Нетс, придонесоа во голема мера за таквата состојба. Јанис Антетокумбо и неговиот Милвоки Бакс во „луда серија“ од седум дуели го исфрли тимот од Њу Јорк и закажа финале во Источната конференција со Атланта Хокс.

Неутралците уживаат во финалињата на Истокот и Западот, додека пак супер-ѕвездите во името на Кевин Дурант ќе мораат да одат на предвремен летен одмор. На тема Кевин Дурант во американските медиуми денес се огласи и некогашниот кошаркар на Чикаго Булс и икона во најдобрата светска клупска кошарка, Скоти Пипен. Освојувачот на шест прстени со Булси „распали“ по бек-шутерот, велејќи дека Дурант не знае за тимска игра и дека разликата помеѓу него и Леброн Џејмс е навистина голема.

-Кевин Дурант колку и да е одличен во офанзива, се покажа дека тој сегмент е негов најголем непријател. Тој не знае како да игра тимска кошарка и се обидува постојано да „удира“. Сте го виделе некогаш Леброн Џејмс да зема такви шутетви некогаш? Никогаш нема да земе таков шут, ќе биде паметен, нешто што Дурант не е способен да го направи. Кевин е подобар од Леброн во постигнување поени, но дали тој може да го надмине него? Тој самиот се обиде да го порази Милвоки, наместо да го искористи моментот да направи нешто за тимот. Леброн ќе смислеше начин да ги победи и немаше да дозволи да биде истрошен. И на крајот, веројатно немаше ниту да го земе последниот шут. Леброн не е Кеј Ди, ниту Кеј Ди е Леброн, изјави Пипен за американските медиуми.

Но и двократниот првак во НБА лигата не остана „покусо“, користејќи ја неговата омилена социјална платформа „Твитер“.

-Зарем големиот Скоти Пипен не одби да влезе во игра во последните секунди од мечот, затоа што беше повреден поради тоа што неговиот тренер исцрта акција за подобриот негов шутер, напиша Дурант, реферирајќи на победничката тројка на Тони Кукоч во 1994. година против Индијана Пејсерс.

Финалињата во двете конфренеции се во тек. Неверојатните Феникс Санс имаат водство од 2:0 во серијата со Лос Анџелес Клиперс, додека пак Алтанта Хокс синоќа направи „брејк“ во Милвоки и поведе со 1:0.

 

 

 

Фото:

Twitter /@BleacherReport

cbssports.com

д.ј