Традицијата никогаш не треба да се заборави, туку да се негува. Таа е уште поубава ако се одржува со децении, како што е случајот со Галичката свадба. Минатата година за прв пат не се одржа од 1963 година кога почнала како културна-туристичка манифестација. Но, колку и да е туристичка, сепак, зетот и невестата кои учествуваат во неа, не само што барем еден од нив треба да има галичко потекло, туку на овој ден вистински ја крунисуваат љубовта пред Бога, во црквата „Св. Петар и Павле“.
Годинава младоженец е Филип Бундовски од Скопје и неговите корени се од Галичник. Баба му и дедо му, по татко се родени галичани, но се преселиле во Скопје, каде се родил и татко му и каде живеат и денес. Но, преселбата за нив не значело дека треба да се напушти родното огниште. Напротив, семејната куќа до ден денес не ја напуштиле.
-Баба ми и дедо ми од Велигден до крајот на октомври си седеа во Галичник. Мене по цел летен распуст ме чуваа таму. Сега и мајка ми и татко ми, бидејќи се пензионери, исто така по цело лето, додека да падне првиот снег се во Галичник, вели Филип.
Затоа и нему церемонијата околу Галичка свадба не му е непозната. Напротив, тој многу пати досега бил дел од оваа манифестација.
-Повеќе пати на Галичка свадба учествував како статист, па бев и коњаник, бев и стар побратим. Затоа знам како оди и се ми е јасно. Се ми е познато. Уште од тогаш си замислував и сакав еден ден и јас да го дожиеам тоа, не само како од турист туку и како учесник. И ете, дојде моментот да ми се оствари, додава тој.
Филип со невестата Катерина Илиевска е во љубов веќе шеста година. Плановите им биле минатата година да ја доживеат убавината на Галичка свадба ама поради пандемијата сето тоа се одложило. Но, Филип и Катерина си останале достојни на традицијата, па решиле да почекаа една година. Не само што не го направиле венчавањето во црква, туку ја одложиле и свадбата за една година. Па така, место да ја крунисаат љубовта лани, тие оваа година ќе го речат судбоносното-да.
-Уште кога почнавме со Катерина да зборуваме за брак, кога врската ни стана сериозна, таа знаеше дека нашето земање ќе биде вака, знаеше дека ќе конкурирам. А како да не конкурирам кога Галичник ми е во срце. Баба и дедо се од таму, татко ми значи е оригинал галичанец. Јас години и години цел летен распуст сум го поминувал таму. Во Галичник кога сме сите си зборуваме на галички дијалект, но и кога како галичани во Скопје ќе се сретнеме или ќе зборуваме на телефон меѓу себе, пак на дијалект, вели тој.
Катерина, пак, по татко потекнува од Дебар, додека по мајка од Водно, но, сега, како што вели, по традиција ќе стане галичка невеста. Иако плановите за крунисување на љубовта минатата година им пропаднаа ама ако љубовта е вистинска, каква што е нивната, ќе ги издржи сите препреки.
-Лани сакавме, бевме подготвени, не одбраа и се беше супер. Но, поради ситуацијата каква што беше бевме во неизвеснот. Два дена пред свадбата не знаевме дали ќе се одржи. Кога решија дека Галичка свадба нема да има, ни се расипаа и другите планови. Па со ова и граѓанскиот брак и свадбата во ресторан, се комплет остана за годинава, вели Филип.
Пандемијата и пропаѓањето на плановите само уште повеќе ја зацврстија љубовта меѓу Филип и Кате, издржаа и исчекаа да си ги остварат желбите и плановите.
Додека на Филип се му е познато, Кате галичките обичаи не ги знаела многу, се додека не ја почнале врската со Филип и пред шест години за прв пат присуствувала на церемонијата.
-Откако сме заедно со Филип секоја Галичка свадба сме таму. Прв пат со Филип ја запознав одблиску и многу ми се допадна и церемонијата и идејата на Филип еден ден и ние да бидеме галички младоженци. Навистина никогаш не сум помислила дека јас еден ден ќе бидам невеста се додека не се запознав со Филип. Кога видов како Филип ја доживува знаев дека така ќе биде. Од тогаш се замислуваме и ете се оствари. Го сакаме Галичник. Па ние сме секое слободно време таму, куќата има преубав поглед. Таму ги полниме батериите. Откако ќе се разубави времето секој викенд одиме, вели Катерина.
Галичка свадба годинава ќе се одржи од 16 до 18 јули, под покровителство на претседателот Пендаровски. Филип и Кате, како манук и манука, што би рекле галичаните, не само што се нестрпливи, туку и вежбаат за денот, како што се јавање на коњи, вежбање со тешката носија и други адети.
-Јас и Кате со кумот вежбаме јавање коњи, носиите и сите други церемонии ќе се договорат со режисерката, бидејќи церемонијата ќе се емитува во живо. Венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле“ ќе биде и наша официјална венчавка, а граѓанскиот брак и свадбата во ресторан ја планираме во август, велат пресреќни и двајцата, кои паралелно со подготовките за свадбата си го средуваат домот во Скопје каде по свадбените церемонии ќе го продолжат заедничкиот, брачниот живот.
Весна Миленковска