Таравари очекува противкандидат да му биде Бејта – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/21 6:35 PM

Таравари очекува противкандидат да му биде Бејта

Повеќе од извесно е дека актуелниот Арбен Таравари и Невзат Бејта претходниот градоначалник ќе бидат главните конкуренти за раководната позиција во Гостивар. Во разговор за МИА, Таравари потврди дека ќе биде кандидат, но тоа треба да го потврдат раководствата на двете политички партии Алијанса за албанците и Алтернатива кои делуваат во коалиција.

На прашањето дали во неговата матична партија каде е генерален секретар долго се прават калкулации со обзнанување на кандидатот како дел од предизборната тактика, Таравари одговори дека нема тактика.

– Нема тактика и отворено кажувам дека Арбен е кандидат, но мора да ги почитуваме партиските процедури при кандидирање, а имаме и обврски за усогласување со коалицискиот партнер. Очекувам викендов од ДУИ да го објават нивниот кандидат, а според информациите што ги добивам, тоа ќе биде поранешниот градоначалник на Гостивар, рече Таравари за МИА.

Тој изнесе податоци од последните анкети кои се однесуваат на поддршката на граѓаните во гостиварската општина во кои Алијанса има предност од пет до седум проценти пред ДУИ. Ваквата тесна предност, смета гостиварскиот градоначалник, ќе ги натера партиските раководства да ги предложат најсилните кандидати.

Од ДУИ сè уште не го кажале кој е конечниот избор, иако Невзат Бејта отворено и во повеќе наврати кажа дека ќе се кандидира и чека на кончениот избор на потесното партиско раководство каде ја има функцијата на потпретседател

Последните најави упатуваат дека собранискиот спикер Талат Џафери ќе ги распише локалните избори на крајот на јули или почетокот на август. Нивното одржување би требало да биде во втората половина на октомври. 

 

 

 

 

MИА