Утре вечер со почеток во 18.30 часот ќе се одржи третиот по ред фестивал на акустична музика „Skopje Unplugged”, на кровот на паркингот во „Скопје Сити Мол“. Овој фестивал е единствениот кој третира исклучиво акустична музичка изведба.
Оваа година на фестивалот ќе настапат милениците на македонската публика, регионалните рок легенди „Ван Гог“, кој за прв пат ќе се претстави во акустично издание, по незаборавниот настап во Белградска Арена, кој се одржа по повод 30 годишнината од нивното постоење.
Публиката ќе ужива и во настапот на Игор Џамбазов придружуван од „Гуру Харе Бенд“, а ќе можат и заедно со Фиц да ги испеат безвременските хитови на „Студени Нозе“.
Поради почитување на препорачаните протоколи од надлежните институции, влезниците ќе бидат во строго ограничен број, со единствена цел – запазување на сите мерки на претпазливост. Билетите може да се купат на билетарата во МКЦ, или електронски, по промотивна цена.