Владата ги дефинираше поимите декриминализација и легализација на марихуаната – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/21 8:22 AM

Владата ги дефинираше поимите декриминализација и легализација на марихуаната

На вториот состанок во Владата, Работната група за подготовка на измени и дополнувања усвои дефиниции за поимите декриминализација, легализација и депенализација по однос на статусот на употреба на канабисот, кои ќе се користат за подобро разбирање на степените на дозволена употреба на канабис.

Работната група донесе заклучок за изработка на компаративна анализа на моделите во 10 различни земји од регионот, Европа и светот по однос на статусот на употреба на канабисот и тоа во Португалија, Холандија, Чешка, Шпанија, Канада, Колорадо (САД), Калифорнија (САД), Израел, Хрватска и Албанија.

Компаративната анализа ќе обезбеди темелен преглед на политиките за канабис во 10-те земји, согласно следниве критериуми:

  1. Како гласи законската одредба за употреба, поседување и производство на канабис;
  2. Примена на законите, значајна пракса која се применува, позитивни или негативни примери;
  3. Број на корисници на канабис пред и по воведување на промената;
  4. Број на затвореници за кривични дела поврзани со канабис;
  5. Број на смртни случаи или предозирање поврзани со канабис, пред и по воведување на промената;
  6. Дали се воспоставени социјални програми за ресоцијализација, вработување и слично;
  7. Дали има анализа за исплатливоста на моделот, бенефити од економски аспект во земји каде се применуваат либерални политики;
  8. Моделот за легално производство и пуштање во промет на канабис и продукти од канабис;
  9. Број на вработени во секторот канабис, вредност на годишен обрт во сектор канабис, даночен прилив од легален канабис за медицински цели и лична употреба.

 

На вториот состанокот на Работната група за канабис учествуваа претставници од Министерството за здравство, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на премиерот, здруженијата на токсиколози, на педијатри, Факултетско студентско собрание при Фармацевтски факултет, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата маргини, Здружението Операција Ослободување, Здружението за канабис и зелени политики Билка, НВО коалиција Канабис институт Пелагонија, Здружението на производителите на медицински канабис, Иновативната фармацевтска индустрија и од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ.

 

О.К.

Фото: Влада