И кошаркарите на Реал Мадрид остануваат без капитен, Фелипе Рејес ја завршува кариерата – ММС
ММС

Објавено на: 06/23/21 7:56 PM

И кошаркарите на Реал Мадрид остануваат без капитен, Фелипе Рејес ја завршува кариерата

Шпанскиот центар кој со години ја носеше капитенската лента во кошаркарскиот клуб Реал Мадрид, Фелипе Рејес, става крај на професионалната кариера, објавија во кратко соопштение од кралскиот клуб и најавија опростувачка прес-конференција во текот на утрешниот ден.

Четириесет и едногодишниот Рејес кариерата ја започнува во 1998 година во Естудијантес, каде што игра шест сезони пред да замине во Мадрид и да стане клупска, но и репрезентативна легенда.

Со Реал Мадрид, Рејес двапати ја покори Европа и дури во седум наврати стана шампион на Шпанија. Со „црвената фурија“ пак, центарот освои Светско првенство во 2006 година, Европско првенство во 2009, 2011 и 2015 година и двапати се искачи на пиедесталот како третопласиран на Олимпијадите и еднаш како „сребрен“.

За потсетување, фудбалската секција на Реал Мадрид летово остана без капитенот Серхио Рамос, кој како слободен играч го напушти „Сантијаго Бернабеу“.

 

 

Фото:

Twitter /@Eurohoops