На што реферира бугарската влада кога споменува исполнување на услови? Османи вели нема предлози туку размена на идеи – ММС
ММС

Објавено на: 06/23/21 2:41 PM

На што реферира бугарската влада кога споменува исполнување на услови? Османи вели нема предлози туку размена на идеи

На што се обврзала Македонија минатата недела во Софија, за што вчера во владиното соопштение зборуваше Бугарија, споменувајќи услови? Прашан за ова во телевизиско интервју, министерот за европски прашања Никола Димитров рече дека тоа било на маса до вчера, односно само во случај Бугарија да го смени ставот. Ова денеска во Штип го одговараше шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, кој се обиде да објасни дека минатонеделната средба во Софија била обременета со внатрешна изборна динамика. Иако, како што рече се воспоставил отворен дијалог, комуникација меѓу двете страни.

-Се разменуваа отворено идеи како да се надминат прашањата кои што се покренати од   стрсна на Република Бугарија, но сето тоа е во фаза на размена на идеи и мислења и затоа не можам да зборува за секоја од нив, се’ додека немам индикации дека тие можат да бидат. Доколку тие можат да бидат основа за решение, се разбира дека ние ќе ја вклучиме и јавноста и опозицијата и целото општество, бидејќи е од интерес на сите да го надминеме ова прашање,  одговори Османи.

Министерот дообјасни дека не се разговара за отстапки, туку за како што рече „размена на идеи“.

-Не, туку за размена на идеи, кои во основа го имаат Португалскиот предлог, со цел да се наминат разликите, но во рамките на линиите што ги имаме како држава, рече Османи.

Министерот Бујар Османи повторно зборуваше за теоретските шанси на Лидерскиот самит, каде очекува земјите членки повторно да се навратат на како што рече влогот на Македонија и прашањето за кредибилитетот на Европската унија во регионот.

-Да не се откажеме од денеска и покрај најавите од Бугарија се такви. Ние немаме друга алтернатива освен продолжување на градење на добрососедски односи и продолжување на патот кон членството во ЕУ, рече Османи и како пример го кажа 30-годишното чекање за членство во НАТО, кога луѓето ги изгубија надежите.