Во скопскиот хотел Александар Палас денеска ќе се одржи еднодневниот „Скопје економски форум“ на кој ќе има повеќе панел дебати, посветени на стабилноста и соработката во регионот на Балканот, економскиот развој на земјава по пандемијата, за конкурентноста, финансирањето и регулаторните рамки за бизнисите, за странските инвестиции, исполнувањето на ветувањето на Европската Унија. На форумот, што официјално ќе го отвори премиерот Зоран Заев, ќе се дебатира и за инфраструктурата, енергијата, туризмот, паметни градови и одржлив развој.
Меѓу учесниците на форумот се и премиерот на Албанија Еди Рама, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој ќе се обрати преку видео-конференциска врска, потоа вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, министрите за надворешни работи Бујар Османи, за финансии, Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, за правда Бојан Маричиќ, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, министерката за финансии и економија на Албанија, Анила Денај, амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Грција и Полска во Северна Македонија, првите луѓе во канцелариите на Светска банка и на ЕБРД во земјава, Масимилијано Паолучи и Анди Аранитаси, како и домашни стопанственици, универзитетски професори и новинари, гости од Словенија, Србија итн.
Организатор на Економскиот Форум во Скопје е Делфи Економскиот Форум заедно со Грчката бизнис асоцијација од Северна Македонија.
Целта на Економскиот форум во Скопје е да прерасне во средба на високо ниво на најсилните локални и меѓународни политички лидери и бизнисмени во пресрет на континуираните предизвици со кои се соочува Северна Македонија, но и поширокиот регион.
МИА