„Големо предавство во Милано“: Хакан Чалханоглу го замени Милан за Интер – ММС
ММС

Објавено на: 06/22/21 7:14 PM

„Големо предавство во Милано“: Хакан Чалханоглу го замени Милан за Интер

Турскиот играч од средината на теренот, Хакан Чалханоглу, од денес и официнално е фудбалер на милански Интер, објавија шампионите на Италија.

Некогашниот талент на Баер Леверкузен како слободен играч стави потпис на тригодишен договор со „нероаѕурите“, а ваквиот потег сериозно ја разлути фан-базата на седумкратниот првак на Европа.

Навивачите на Милан овој потег на управата го оценуваат како скандалозен и тоа од два аспекти. Првиот, самиот факт што Чалханоглу го напушта клубот без Милан да добие финансиска оштета за неговите услуги, додека пак вториот е и повеќе од јасен – преминување кај омразениот градски ривал.

Сепак, иако ривалството помеѓу Интер и Милан е поприлично големо во италијанскиот фудбал, овие два гиганти имаат историја на преминување на фудбалери од една во друга страна и обратно. Хакан Чалханоглу е последното име на листата кое играло и за двете екипи, придружувајќи им се на Златан Ибрахимовиќ, Андреа Пирло, Кларенс Сидорф, Роналдо, Леонардо Бонучи, Марио Балотели, Роберто Баџо, Хернан Креспо, Кристијан Виери, Едгар Давидс, Патрик Виера и Антонио Касано.

Според медиумите во Италија, Турчинот и Паоло Малдини не успеале да се договорат за годишната плата и поради тоа Чалханоглу решил да ја избере опцијата да го напушти Милан во летниот преоден рок.

Турската фудбалска репрезентација, во која Чалханоглу требаше да биде предводник на тековното Европско првенство, претставуваше разочарување број еден на големиот собир, откако ги загуби сите три натпревари во групата А и со нула освоени поени се одјави од ЕУРО 2020.

 

 

 

Фото:

inter.it

д.ј