Најголемиот фудбалер во историјата на Македонија денес на стадионот кој е именуван по една глобална револуционерна икона во овој спорт, се збогуваше од националниот дрес и понатамошните настапи во фудбалската репрезентација.
Горан Пандев, човекот што со погодокот против Грузија во финалето од плеј-офот на Лигата на Нациите директно му донесе пласман на Македонија на Европското првенство, реши да ги стави копачките на „клин“ и да се фокусира само на клупската кариера.
За Пандев, играњето на два фронта на 38 години е претешко и поради тоа топката ќе им ја препушти на младите, за кои верува дека ќе се квалификуваат и на Светското првенство во Катар.
-Возбуден сум и благодарен на цела Македонија. Дваесет години носење на овој дрес беше посебна чест и гордост. Среќен сум што на овој начин ја завршувам кариерата. Недостасуваше малку искуство за подобар резултат, но вечно ќе се сеќавам на ова, изјави Пандев.
Фудбалерот на Џенова ја искористи приликата да им се заблагодари на сите актери кои на различни начини изразувале поддршка изминатите години.
-Благодарност до сите. Поранешни селектори, медиуми, соиграчи, моето семејство, мојата сопруга Надица. Без неа немаше да го постигнам сето тоа, рече емотивниот Пандев.
Македонија со поразот во Амстердам го заврши своето учество на Европското првенство. Од групата Ц, Холандија и Австрија одат понатаму во нокаут-фазата, додека пак Украина ќе мора да чека до среда за да дознае дали ќе игра во осминафиналето од евро-собирот.
Фото:
д.ј