Ангеловски си заминува од селекторското место: Огромно задоволство беше да се води Македонија на едно Европско првенство – ММС
ММС

Објавено на: 06/21/21 7:37 PM

Ангеловски си заминува од селекторското место: Огромно задоволство беше да се води Македонија на едно Европско првенство

Ова е мојата последна прес-конференција како селектор на фудбалската репрезентација на Македонија. Ова се моменти кои ќе ги паметам целиот мој живот, рече Игор Ангеловски.

После пет ипол години на кормилото на селекцијата, создавање на конкурентен и компетитивен состав и историски пласман на Европско првенство, популарниот „Мрме“ нема повеќе да ја води репрезентацијата. Неговиот професионален договор истекувал на крајот од месецот, а како што може и да се забележи, најави за продолжување на ангажманот од ФФМ досега немаше.

-Ова е мојата последна прес-конференција. Би сакал да им се заблагодарам на целиот стручен и медицински штаб, фудбалерите, капитенот Пандев, за сето она кое го направивме во изминатите пет ипол години. Сакам да се заблагодарам на сите медиуми и на крајот на моето семејство. Ова се моменти кои цел живот ќе ги паметем, среќен сум што бев дел од ова, изјави Ангеловски на официјалната прес-конференција.

Достоинствено, како што доликува на еден предводник на репрезентација од европскиот крем, Ангеловски не сакаше да ги коментира спорните судиски одлуки од дуелот против Холандија, но затоа истакна дека воопшто не треба да бидеме разочарани од настапот во групата Ц на ЕУРО 2020.

-После Европското кога ќе се намалат емоциите, ќе можеме да дадеме генерална оценка за настапот, но можам да кажам дека беше огромно задоволство да се води Македонија на ЕП, да се почувствува убавината на едно такво првенство. Воопшто не треба да бидеме разочарани, ние бевме тие кои го пробија ледот. Би сакал да се заблагодарам на фудбалерите за она што го направија. Судиите нема никогаш да ги коментирам, го оставам тоа на оние кои се задолжени за такви нешта, додаде Ангеловски.

Покрај пензионирањето на Пандев и заминувањето на Ангеловски, иднината на Алиоски и Адеми во селекцијата на Македонија останува неизвесна, а за неа ќе се знае повеќе по крајот на европскиот шампионат.

д.ј