Утрово преку соопштение до медиумите, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кого Владата во Подгорица го отповика од функцијата почесен конзул во Скопје, се заблагодари за соработката и и посака на Црна Гора брз развој и просперитет, а на компаниите поголем профит.
-Црна Гора е независна и суверена држава, која согласно Уставот е дефинирана како граѓанска, демократска, еколошка и држава на социјална правда, заснована на владеење на правото. Иако независноста на Црна Гора е обновена на 3 јуни 2006 година, со истапувањето од државната заедница со Србија, таа претставува една од најстарите европски држави. На овие простори се простирала латинската провинција Превалис, средновековната држава Зета, а денес современата држава Црна Гора, која претставува своевидна раскрсница на која се испреплетени повеќе историски случувања, народи и култури (илирска, словенска, византиска, турска), како и религии (христијанска и исламска), кои оставиле свои траги до денешен ден. Голема благодарност до сите оние со кои соработував на оваа важна мисија за бизнисите на нашите две држави. На Црна Гора и посакувам брз развој и просперитет, а на компаниите поголем профит, наведува Азески.
Потегот со отповикувањето на Азески црногорската Влада го објасни со изјава дека се обидел да ги омаловажи и компромитира највисоките власти во Црна Гора презентирајќи свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата. Одлуката за отповикување е донесена на последната седница на Владата, објави весникот Дан. Според одлуката потпишана од премиерот Здравко Кривокапиќ, Министерството за внатрешни работи дошло до сознанија дека Азески, при извршувањето на должноста почесен конзул, ја користел секоја можност да изрази сомнеж за угледот на Црна Гора и за кредибилитетот на нејзините тела.
МИА