Препораки за заштита од топлотни бранови – ММС
ММС

Објавено на: 08/9/18 8:43 AM

Препораки за заштита од топлотни бранови

Од 10 до 17 часот кога е најтоплиот период од денот да се избегнува напорна физичка активност, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности, да се консумира голема количина течност, да се внесува помало количество храна која не содржи многу маснотии и шеќер, да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на Сонце, да се носат заштитни очила и капа, и да се престојува во затворени климатизирани простории на температура од 23 до 25 степени.

Ова се дел од препораките на Институтот за јавно здравје на Република Македонија за заштита при високи температури.

Во препораките се посочува дека при престој на отворен простор треба да се прават почести одмори под сенка, да се избегнува престој во целосно затворени возила и директен престој на Сонце, да се избегнуваат алкохолни пијалаци и пијалаци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци.

Хронично болните, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, како што се наведува, потребно е да бидат посебно дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар.

Се препорачува при чувство на зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, да се консумира вода или негазиран минарален пијалак, да се побара помош, да се оди се на постудено место колку што е можно побрзo и да се измери својата телесна температура. При болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот, потребно е да се оди на студено место и да се консумира течност која содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час.

Пред употреба задолжително треба да се мијат свежиот зеленчук и овошје, и да се прави термичка подготовка на храна и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на четири степени, а пред употребата да се загрее на 100 степени. Треба да се избегнуваат производи кои термички не се обработени, а особено да се внимава со консумација на сладолед и разни кремови, се истакнува во препораките.

Високите температури негативно влијаат на здравјето на луѓето при што се влошува состојбата на тие кои страдаат од кардиоваскуларни болести, респираторни болести и ментални нарушувања. Можат да се јават и акутни ефекти како резултат на изложеност на високи температури, како што се сончаница, топлотен удар, топлотни грчеви, функционални нарушувања на централниот нервен систем…