Македонската фудбалска репрезентација со поразот на „Националната Арена“ во Букурешт од селекцијата на Украина, ги загуби шансите за осминафинале на дебитантското Европско првенство.
Солидното второ полувреме против Украинците не беше доволно за освојување на бодови и одржување во живот на шансите за место во нокаут-фазата. Сепак, со Холандија во понеделник на „Јохан Кројф“, Македонија ќе има за што да игра. Позитивен резултат во дуелот со фаворизираните Холанѓани ќе претставува заминување со стил од големиот собир и поставување на темели за оваа и некоја следна генерација.
Централниот дефанзивец, Висар Муслиу, оптимистично гледа на двобојот со Холандија, велејќи дека само со добра и тимска игра би можеле да се спречат опасните напади на домаќините. За него, двата претходни порази не значат многу, а мотивот постои и без оглед на тоа што шансите за осминафиналето повеќе не постојат.
-Без разлика на поразите, ние сме мотивирани, ние овде ја претставуваме Македонија. Сите добро го знаеме стилот на Холандија, за тоа воопшто не треба да се трошат зборови. Само со тимска одбрана и тимски дух, она што е наша карактеристика, можеме да ги спречиме налетите на Холандија, изјави Висар Муслиу на денешната прес-конференција во пресрет на мечот со „портокаловите“.
Натпреварот со Холандија во понеделник од 18:00 часот, би можел да биде последниот во репрезентативниот дрес за иконата на македонскиот фудбал, Горан Пандев.
Фото:
Facebook / Македонска фудбалска репрезентација