Ги штитам Македонците најдобро што можам – Јонел Станку е пратеникот кој го брани македонското малцинство во Романија – ММС
ММС

Објавено на: 06/21/21 10:00 AM

Ги штитам Македонците најдобро што можам – Јонел Станку е пратеникот кој го брани македонското малцинство во Романија

Специјално за ММС од Букурешт, Орце Костов

Ако во Македонија е реткост да начекате пратеник во својата канцеларија и во термини одредени за средби со граѓаните, тоа не е случај со Романија и македонскиот пратеник Јонел Станку.

За време на престојот на Европското фудбалско првенство на тимот на ММС, нашиот домаќин, докторот Марјан Михајлов кој живее и работи во Букурешт повеќе од 20 години, не прими во Друштвото на Македонците во Романија, а таму, во доцните вечерни часови се уште работеше Јонел Станку.

Пратеникот во романскиот парламент веќе втор мандат ги застапува правата и интересите на македонското малцинство во оваа земја-членка на Европската унија, а од февруари 2021 година е вицелидер на парламентарната група на националните малцинства во парламентот.

– Во вториот мандат имавме најголем број на гласови меѓу малцинства и интересно, добивме гласови од избирачки места кои не ги очекувавме. Јас по вторпат сум избран да ги претставувам правата на Македонците најдобро што можам и јас сум тука за нив – изјави за ММС, Јонел Станку.

Тој смета дека правата на македонското малцинство се добри, односно сите етнички заедници уживаат широки права. Македонците се одлично интегрирани во општествениот систем на Романија која секогаш поддржува иницијативи за развој на различностите и им помага на заедниците финансиски.

И Јонел Станку како и докторот Марјан Михајлов кој е потпретседател на Друштвото, смета дека Романија дозволува се, освен етнички преписки или ширење национализам на својата територија.

А, единствен проблем на Македонците е изучувањето на македонскиот јазик кое е многу тешко затоа што граѓаните се расфрлани низ целата земја, односно не се скоцентрирани во една област или град.

– Имаме проблем со јазикот затоа што не сме географски не сме компактни како заедница, ние сме расфрлани низ цела земја, не има во сите градови и села.  Немаме заедница како Словаците кои се концентрирани во едно место. Хрватите се во едно место, а ние сме расфрлани во Темишвар, во Крајова, во Констанца -рече Јонел Станку за ММС не заборавајќи да го истакне селото Македонија близу Темишвар во западна Романија.

И Јонел Станку е посветен на одржувањето на корените и традицијата на Македонците, но бидејќи се определил за политиката, сака да делува институционално и да биде врската помеѓу системот и етникумот.

При правењето на заедничката  фотографија со претседателката на Друштвото, Лура Рогобете која во своето семејство со потекло од прилепско е трета генерација на Македонци кои живеат во Романија, Јонел Станку истакна дека во Романија е пријатна земја за живеење во која демократијата и почитувањето на човековите права се на повисоко ниво откако земјата е членка на Европската унија.

Фото: Вангел Тануровски