Специјално за ММС од Софија, Весна Миленковска
Владата демантираше дека на вчерашните средби на премиерот Зоран Заев и владината делегација со раководството на Бугарија се разговарало за било какви формулации за одредени прашања.
„Овој позитивен исчекор ни овозможи да разговараме за можностите за решенија за што добра основа е португалскиот предлог. Решенијата мора да водат грижа за двете страни односно да ги адресираат прашањата кои се важни и за Македонија и за Бугарија. Такви решенија се можни, за да се дојде до нив неопходен е дијалог, а сега еве и дијалогот е повторно на маса.
Оттука, не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија кои се споделуваат низ дел од медиумите“, велат за ММС од кабинетот на премиерот Заев.
Бугарскиот весник „24 часа“ објави дека компромисот што го предложил Заев во Софија бил “дека зборуваме на ист јазик, но меѓународно признат како два различни“, повикувајќи се на извори во бугарската техничка влада.
Други медиуми објавија дека премиерот Заев бил подготвен да направи компромис со Бугарија откако таа ќе даде зелено светло за почеток на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција.