Ангеловски: Победени сме, но не и поразени – ММС
ММС

Објавено на: 06/17/21 4:29 PM

Ангеловски: Победени сме, но не и поразени

Кога навивачите ќе те испратат со громогласни аплаузи после загубен меч, тоа кажува каков натпревар сме одиграле. Победени сме, но не и поразени, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, на прес-конференцијата за медиумите непосредно по завршувањето на дуелот.

Македонија загуби минимално од Украина со 2:1 и одигра солидно второ полувреме на „Националната Арена“ во Букурешт, за жал недоволно за првиот бод на големиот турнир.

-Две различни полувремиња. Во првото целта беше да влеземе малку попретпазливо, во второ отидовме понапаѓачки поради резултатот, сакавме да влеземе во егал. ВАР одлуките овојпат се погодија на нивна страна. Нивниот гол за неколку сантиметри не беше офсајд, додека сантиметрите во нашиот случај и голот на Пандев не беа наклонети кон нас. Во второто полувреме покажавме зошто сме на Европско првенство. Кога навивачите ќе ве испратат со громогласен аплауз, тоа кажува каков натпревар сте одиграе. Победени сме, но не и поразени. Македонија е заслужено дел од европскиот крем, рече Ангеловски.

На истиот начин како во вторите 45 минути, Ангеловски се надева дека репрезентативците ќе одиграат и против Холандија за четири дена во Амстердам.

д.ј