(ВИДЕО) Рамос се расплака на збогувачката прес-конференција – ММС
ММС

Објавено на: 06/17/21 12:20 PM

(ВИДЕО) Рамос се расплака на збогувачката прес-конференција

Иако со месеци се шпекулираше за можното напуштање на „Сантијаго Бернабеу“, навивачите на кралскиот клуб сепак потајно се надеваа дека Рамос ќе ја продолжи лојалноста кон „белиот дрес“ и ќе му помогне на тимот во освојување на нови трофеи.

Тоа не се случи. Вчеравечер веста дека Серхио Рамос после цели 16 години и „едно брдо титули“ го напушта Реал Мадрид, одекна како бомба. Преговорите со управата на шпанските вице-шампиони не се одвивале во најпосакувана можна насока, па затоа некогашниот дефанзивец на Севиља се решил на исклучително тешкиот чекор.

Медиумите во Шпанија пренесоа дека новиот тренер на Реал, Карло Анчелоти, се обиде да го предомисли шпанскиот ас, но тој веќе бил решен дека од следната сезона сака да отвори друго поглавје во својата професионална фудбалска кариера.

Говорот на денешната збогувачка прес-конференција, не остави никого рамнодушен, па и самиот Рамос. Тој низ солзи изјави дека Реал Мадрид е неговиот дом и еден ден повторно ќе се врати тука.

-Ќе се вратам еден ден, сигурно. Би сакал да изразам огромна благодарност кон Реал Мадрид. Секогаш ќе го носам во моето срце. Овде пристигнав како дете, на 19 години. Затоа сакам да им се заблагодарам и на сите претседатели, тренери, соиграчи, навивачи, рече Рамос.

За дресот на „кралевите“ Рамос одигра 671 натпревар, освојуваќи четири рекордни титули во Лигата на шампионите, пет трофеи во домашната Примера и двапати го освои Кралскиот Куп. Во моментов е неизвесно каде ќе ја продолжи кариерата, а гласините веднаш го однесоа во Премиер Лигата.

 

 

 

д.ј