„Насилникот може да се препознае веднаш! Тоа е личност, без разлика од кој пол, што сака насилно да го наметне своето мислење, став, начин на однесување. Личност која нема почит кон другиот, кон личните карактеристики на партнерот, неговите желби, интереси, вкусови“.
Ова го вели Катерина Котеска која е адвокат по семејно насилство и која цврсто стои зад жртвите и нивните права. Желбата да се заминава со оваа проблематика е што била дете на самохран родител, кој се наоѓал пред правните лавиринти и за Котеска тоа било показател во кој правец во животот ќе се насочува.
-Искуството е секогаш поголемо кога ќе се почувствува на сопствена кожа. Како дете на самохрана мајка, која се снаоѓала во правните лавиринти, а подоцна и самата, како млад човек кој сака да стане академски граѓанин, се соочував со различни проблеми, но исто така и се повеќе и повеќе ме интересираше правната регулатива на овој тип на проблем. Како студент, а подоцна и како адвокат, најмногу интерес имав во областа на семејното право и семејното насилство, па со оглед што имав и пред знаења во оваа област, се надградив со завршување на магистерски студии и магистрирање на тема за семејно насилство.
Кога причина за развод е семејно насилство вие жестоко ги браните правата на децата. Колку е тешко да се заштити правото на детето и покрај многуте „дупки“ кои можат да се злоупотребат за детето да не биде со мајката?
-Причините за семејно насилство се различни, но за жал се повторуваат како резултат на недоволно обрнување на внимание на овој проблем. Причините се : Тешката материјална и финансиска состојба, историја на семејно насилство во семејството, злоупотреба на состојбата на зависност и потчинетост на жртвата , ослободување од одговорност на сторителите кои ќе бидат пријавени и процесуирани, слаба ефикасност во казнувањето, слаба едукација за причината и настанокот на семејното насилство и сл. За среќа злоупотребата на децата во рамките на институциите е сведена на минимум и се должи најчесто на пристрасно однесување на органите поради влијание и од незнаење и недоволно искуство. Исто така би додала и дека за да се работи со оваа материја е потребен слух за оваа проблематика и лична загриженост и заложба за решавање на овој проблем.
Голем број на жени не признаваат или не се доволно храбри за да побараат помош во институциите, па проблемите ги ставаат под тепих, но и се плашат дека ќе останат без финсиска моќ, или од тоа сторителот да не биде доволно казнет, но и од статустот во општеството. Која од овие е најчеста?
-Најголем фактор за не пријавување и не процесуирање на оваа проблематика е неажурноста на институциите за заштита. Не постоење на вистински пристап и ефикасност кон решавање на оваа проблематика ,па од тука, увидувајќи дека ќе бидат оставени сами на себе, се плашат од финансиска немоќ, материјална неситуираност, а најмногу дека сторителот ќе помине не казнет и ќе го повтори делото. Удел има и отфрлање на општеството и околината, како и пречки при остварување на своите права како самохран родител.
За жал, не само жените, кои се во брак трпат насилство, тука се и девојките. Некако низ годините, како се повеќе да расте нетрпението, бесот, навредите, непочитувањето мегу младите. Според вашето искуство што доведува до ваквиот лош тренд на дисфункционални врски?
-Појавата на семејното насилство помеѓу младите е феномен со кој особено сакам да се позанимавам и лично и да обрнам внимание на институциите за едукација при жирење и спречување на оваа појава. Младите се јадрото на кое треба да се делува дека секое однесување кое е наметнато во партнерските односи претставува семејно насилство. Многу жално и поразително за институциите кои се борат со оваа проблематика се случаевите на малтретирање на млади личности од страна на своите партнери со кои треба врската да биде забава на обострано задоволство. Многу често младите го копираат однесувањето на постарите и своите родители, па семејното насилство „знае“ да се провлекува како „традиционално однесување“. Согласно ова, согласно моето искуство и пракса, сметам дека треба да се делува едукативно кон најмладите во поглед што се претставува семејно насилство.Како тоа да се дететктира, како да се реагира и како најадекватно да се побара и добие заштита.
Има многу невладени организации кои ги штитат жените од семејното насилтво, па колку според вас тие организации можат да ги заштитат жените, да ги охрабрат и да им се спротистават на тој страв кој им е влезен во коски?
-Жртвите на семејното насилство според моето искуство, не е доволно само да се заштитат во дадениот, критичен момент, туку е потребно најмногу од се да бидат имплементирани во општеството и едуцирани сами да се заштитат, да можат да застанат на „ свои нозе“ и да бидат независни, за да и понатаму не бидат во позиција да трпат насилство. Ова би можело да се направи преку едукации, преку материјална помош и финасиска поткрепа( наоѓање на работа и сместување на жртвите на подолг рок согласно потребите) и сл.
Пандемијата некако како да ги разбесните мажите, па дали и во вашата канцеларија се зголемува бројот на жени – жртви на семејно насилство токму во овој период , кој беше тежок за сите?
-Пандемијата е фактор за зголемување на семејното насилство. Присилното затворање во изолирани услови делуваше стресно на сите, а особено ги наруши веќе постоечките несогласувања. За жал се повеќе има и сторители на семејно насилство кои се жени, бидејќи мажите се охрабрија да го пријавуваат семејното насилство. За жал, се уште најголем процент се жените, па согласно тоа се направи и чекор напред во донесување на законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство во 2021 година каде што жените се поставени како објект на заштита на ниво на закон.
Во вашето искуство велите дека има и случај кога жртва на насилство е мажот. Дали може да ни кажете некое искуство. Како изгледа маж да биде жртва? Што велат мажите на тоа?
-Во мојата пракса имам и жртви на семејно насилство кои се мажи. За жал цивилизираното однесување и не враќање на провокациите на жените, кои сакаат насилно да ги наметнат своите барања и ставови доведува до семјно насилство каде што жртви се мажи. Жртви од машкиот пол постоеле и порано, но општеството го сметло за срамно пријавувањето на мажите. Дека жена ,која е послаба физички може да врши насилство врз маж. Во денешно време се надминати бариерите за непријавување бидејќи тоа не е „машки“ и резултира со повеќе пријави и процесуирање.
Имате две дечиња, па дали уште од мали ги учите на семејните вредности и почитување на личноста и дали мислите дека насилникот таков се раѓа или насилник се станува во текот на животот?
-Како мајка на две машки деца, најпрво ги научив да не покажуваат агресија еден кон друг, па физичкиот, насилен контакт помеѓу нив од секогаш бил и ќе биде најстрого казнуван од моја страна, како мајка. Исто така ги учам, пред се, да го почитуваат другиот, без разлика дали е другар или партнерка и дека во животот е битно да се пронајдеш со некој на исто рамниште, а не да извојуваш победи на бојно поле.
Која случка од вашата кариера кога станува збор за децата можеби ве натерала и да заплачете или да се поистоветите со неа?
-Најтешко во мојата кариера ми било кога децата на двајца родители, кои од многу причини одлучија дека не можат да се грижат за нив, завршија во дом за деца без родители. Секогаш тешко ми паѓа кога децата ќе бидат сведоци на насилството, а особено тешко ми паѓа кога некои од децата, кои се во пубертетски години или поемотивни, тешко ќе го доживеат разводот на своите родители. Во вакви случаеви апелирам да се побара стручна помош од психолози кои се стручни за оваа област , како би можело да се помине полесно целиот процес.
Дали имало ситуации кај жени кои покрај насилството не можат да го остават мажот поради тоа што милси дека го сака и колку жени сметаат дека насилникот тоа го прави од љубов?
-Постојат и случаеви во мојата кариера кои биле своевиден мој „ пораз“. Иако лично како професионалец сум сторила се, сепак, жртвите се одлучиле и понатаму да го трпат семејното насилство, кое го трпат со години. Најчесто, а воедно и најлоша причина била одбивањето да се напуштат подобрите услови на живот кај сопругот, па комотното живеење да се компензира со трпење на физичко насилство. За жал вакви случаеви постоеле и ќе постојат, но тука се навраќам во едукацијата на најмладата популација, особено жените, дека треба самите преку стекнување на образование и вештини да се посветат кон создавање на самостојност и материјална и финансиска независност.
Од вашето професионално искуство дали наслникот може да се препознае на почетокот од врската и кои се знаците дека во вашиот сакан лежи насилник?
-Насилникот може да се препознае ВЕДНАШ! Тоа е личност, без разлика од кој пол, што сака насилно да го наметне своето мислење, став, начин на однесување. Личност која нема почит кон другиот, кон личните карактеристики на партнерот, неговите желби, интереси, вкусови. Целта на врските пред брак е со дружење со потенцијални партнери да го избереме оној кој најмногу ни одговара и кој има слични карактеристики како нас, па односот со него да биде убав, забавен и продуктивен. Се што е наметнување на туѓа волја без дозвола и со противење на личноста е потенцијално семејуно насилство.
Весна Петровска