Македонската фудбалска репрезентација денес ќе го одигра вториот натпревар на Европското првенство, клучен за нашите осминафинални амбиции и подолг престој помеѓу „европскиот репрезентативен крем“. Селекцијата на Украина, која загуби во воведниот дуел со Холандија, сега ќе сака да се искупи преку Македонија и да ги заработи првите бодови во групата Ц.
Поранешниот македонски репрезентативец и актуелен тренер на Академија Пандев, Александар Васоски, во разговор за mms.mk ги посочи позитивните и негативните страни на нашиот опонент, кој според него игра модерен и атрактивен фудбал, но претставува сопарник против кој може да се направи нешто повеќе.
-Ќе нè чека сличен меч како со Австрија, многу дуел игра. Украина против Холандија даде два гола, имаше шанса да постигне уште два, меѓутоа дефанзивно имаа пропусти кои ние можеме да ги искористиме. Центарушетиве од страна како да им се слабост, а и комбинаториките од 16 метри (вториот гол што го примија од Холандија беше на таков начин). Шевченко ја презеде оваа репрезентација и ја издигна на европско ниво. Тие играат модерен, атрактивен фудбал. Тука се 70 отсто играчи од Шахтјор и Динамо Киев, екипи кои се редовни во Лигата на шампионите. Но, во 90 минути, еден натпревар, сè е можно. Само да покажеме трпение и да ја искористиме секоја полу-шанса што ќе ни се отвори, рече Васоски.
Во однос на претходниот дуел и поразот од Австрија со 3:1, екс-дефанзивецот на Ајнтрахт Франкфурт вели дека тие одиграле европски, во пеколен ритам и за разлика од Германија и фамозниот натпревар во Дуизбург, стручниот штаб на Австрија сериозно ги анализирал момците на Игор Ангеловски и нивната игра во последниот период.
Запрашан дали експериментот со Боби Николов на десната бековска странична позиција можеби претставуваше проблем и воедно предност на Австријците, Васоски истакна дека најверојатно селекторот ја избрал таа 11-ка базирајќи се на добиениот натпревар со Германија во квалификациите за Светското првенство.
-Ако гледаме, тоа беше истиот состав со Германија. Можеби селекторот базирајќи се на тој натпревар едноставно сакал да им даде шанса на истите играчи. Секој меч е приказна за себе, на ова Европско немаш право на грешка. Германците можеби нè потценција, кај Австрија тоа не беше случај. Сфатиле дека Македонија не може да одигра 90 минути во пеколен ритам, да одржува темпо и тука најверојатно се роди и проблемот по таа десна страна. Сепак, мислам дека селекторот следниот меч ќе направи корекции за да го предвиди тоа и да затвори на време, додава Васоски.
Воведната фаза на Европското првенство, за некогашниот тренер на Вардар пружила коректен фудбал.
-Гледавме некои мечеви, каде што репрезентации од типот на Финска одигра одлично со Русија. Гледавме за жал и мечеви каде што се внимаваше многу на дефанзива, добар дел од селекциите беа предефанзивно ориентирани. Сепак, нивото е задоволително. И повеќе од три голови по меч, ако се продолжи со ова темпо, треба да очекуваме супер Европско првенство.
Евентуална победа против Украина ги одвела „рисовите“ на ветувачка трета, или во зависност од дуелот помеѓу Холандија и Австрија, втора позиција на табелата во групата Ц.
Фото:
Facebook / Македонска фудбалска репрезентација
Тwitter / @MacedonianFooty
д.ј