Специјално од Букурешт за ММС: Орце Костов
Македонските фанови добро се загреаја пред натпреварот со Украина и се упатија кон Националната арена, забавата не им ја расипа ниту дождот кој во текот на целиот престој во Букурешт престана само неколкупати на кратко. Притоа уште еднаш докажаа дека се едни од најмирољубивите навивачи во Европа. Додека фалангата ја пееше химната на Македонија случајно поминаа Украинци и веднаш се стаписаа.
А, нашите фанови едноставно се пресреќни што Македонија игра на Еуро2020.
– Не им замеруваме на нашите фудбалери за ништо. Веруваме дека против Украина ќе одиграат лавовски, но за победа треба да се има и малку среќа. Ако победат ќе славиме до сабајле, ако не победат, ќе им го дадеме најголемиот аплауз досега затоа што тие играат за оваа земја најдобро што знаат и умеат на секој натпревар, било да е пријателски, квалификациски или меч од ЕП – едногласно коментираа неколку фанови напуштајќи го ресторанот кој во изминатите шест дена им беше неофицијална фан-зона во која се испеаја илјадници македонски песни и се
испија илјадници литри романско и странско пиво.
Објективот на ММС ја направи последната и најинтересна галерија од македонските, украинските фанови, романските граѓани и кафулињата пред тие да се упатат кон Националната арена.
Фото: Вангел Тануровски