Специјално за ММС од Букурешт, Орце Костов
Тимот на македонската полиција кој се грижи за безбедноста на македонските фанови на Европското првенство е присутен во зголемен број и денес во стариот дел од градот во кој се собираат фановите пред да заминат на Националната арена.
Секој од македонските полицајки и полицајци работеа во мешани тимови со романските колеги, носеа специјални сини елеци на кои стоеше знамето на Романија или на Македонија и на стадионот и во центарот на градот. За разлика од пред неколку дена, полицијата овојпат беше расположена да се фотографира со сите фанови.
Овие полицајци се нарекуваат „спотери“ (spotters) и постојано се ангажирани на настани кои ги организираат УЕФА или ФИФА.
Задачата на нашите полициски службеници заедно со полициските тимови на Романија, Австрија и Украина е да создадат безбедносни услови овој спортски настан да помине согласно највисоките безбедносни стандарди на Романија и на УЕФА, а истовремено и да им излезат во пресрет на нашите граѓани кои ќе бидат присутни во Букурешт за време на настанот.
Фото: Вангел Тануровски