ЕУ ги олесни ограничувањата за патување, но пандемијата се уште не е завршена, вели Филипче – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/21 6:34 PM

ЕУ ги олесни ограничувањата за патување, но пандемијата се уште не е завршена, вели Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека одлуката на Европската Унија за олеснување на патувањата на нашите државјани доаѓа по стабилизацијата на состојбата со вирусот во државата. Но, тој предупредува дека пандемијата сè уште не е завршена и оти треба да се придржуваме кон мерките за заштита.

– Европската Унија одлучи да ги олесни ограничувањата за патување на нашите државјани, на што се согласија сите 27 членки на блокот. Оваа одлука на ЕУ доаѓа по стабилизација на состојбата со вирусот во државата. Продолжуваме будно да ја следиме епидемиолошката состојба во земјава. Апелирам до граѓаните дека сè уште важат основните мерки за заштита од вирусот Ковид 19. Пандемијата не е завршена кај нас, во земјите во регионот, па и насекаде во светот, сè уште има активни случаи и новозаразени, што на еден начин е потенцијална закана за можен удар од вирусот, затоа треба да се придржуваме кон мерките за заштита, напиша министерот Филипче на „Фејсбук“.

Изјавата на министерот доаѓа по денешната одлука на амбасадорите на ЕУ да се укинат рестрикциите за несуштински патувања за државјаните на неколку земји, меѓу кои и за Северна Македонија, Одлуката треба да биде формално објавена во Службениот весник на ЕУ со што ќе стапи на сила, најверојатно во петок, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската унија треба постепено да ги олесни корона ограничувањата за влез за патниците од САД и седум други земји по договорот од средата меѓу 27-те земји-членки.

Патниците од САД, Албанија, Хонг Конг, Либан, Макао, С.Македонија, Србија и Тајван треба полесно да влегуваат во Унијата, изјави португалското претседателство со ЕУ за германската агенција ДПА.

МИА