Челзи и Сити со пеколен распоред на стартот на новатата сезона во Премиер Лигата – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/21 10:28 AM

Челзи и Сити со пеколен распоред на стартот на новатата сезона во Премиер Лигата

На европскиот првак и на англискиот шампион, дефинитивно не ги посака среќата во распоредот за новата 2021/2022 сезона во најдоброто клупско светско натпреварување.

Премиер Лигата денес го објави комплетниот распоред на мечеви, а од воведните дуели на Челзи и Манчестер Сити со сигурност застанува здивот.

Екипата од светлосиниот дел на Манчестер одбраната на трофејот ја стартува од Лондон, на гостувањето кај Тотенхем. Во второто коло има на „хартија“ лесен плен на „Етихад“ со Норич, но веќе во третото коло работите се враќаат на почетокот – уште еден лондонски клуб, Арсенал. На 25-ти септември нова средба со не толку посакуван противник, Челзи. Тимот на Пеп Гвардиола во последните 45 дена од изминатата сезона загуби дури трипати од Челзи и тоа во три различни натпреварување. Најболниот пораз, секако, е оној во финалето од Лигата на шампионите на 29-ти мај на „Драгао“.

Веднаш по гостувањето на „Стемфорд Бриџ“, за актуелните прваци следува пат до „Енфилд Роуд“ и соочување со екипата на Јурген Клоп.

Челзи „не помина подобро“ при составувањето на фудбалскиот календар. На самиот почеток мини-лондонско дерби со Кристал Палас на домашен терен, а потоа следува двобој со „топџиите“ на Емирати во лондонското дерби со далеку поголема историја од претходното. Крајот на август е резервиран за мега-дуел помеѓу Ливерпул и Челзи. Момците на Томас Тухел нема да имаат многу време за одмор, со оглед на тоа дека после Ливерпул им следуваат Тотенхем и Манчестер Сити.

На 14-ти август, датумот предвиден за започнување на новата кампања во Премиер Лигата, Арсенал ќе му гостува на повратникот во елитата по цели 74 години, Брентфорд, Барнли ќе го пречека Брајтон, Евертон на „Гудисон Парк“ ќе се судри со Саутемптон, освојувачот на ФА Купот, Лестер, ќе го угости Волвс, додека пак на „Олд Трафорд“ старо англиско дерби и ривалство, Манчестер Јунајтед и Лидс Јунајтед.

„Лифт клубот“ во англиската топ дивизија, Вотфорд, ја чека Астон Вила. Њукасл и изненадувањето од минатата сезона, Вест Хем, ќе ги вкрстат копјата на почетокот од потенцијално спектакуларната сезона во Англија.

Целосниот распоред за 2021/22 кампањата, можете да го погледнете на официјалниот веб-сајт на Премиер Лигата (www.premierleague.com).

 

 

 

д.ј

Фото:

Twitter / @brfootball

Twitter