Во Македонија се’ уште нема 5Г антени, а Западен Балкан останува простор без новата технологија. Од двата мобилни оператори А1 и Телеком неодамна е направено тестирање, меѓутоа, на 5Г ќе се почека. Според тоа, неточни се тврдењата за мртвите птици од анетните на 5Г и сличните теории на заговор, што последната година интензивно се шират. Нема недозволено нејонизирачко зрачење ниту штетно влијание на човековото здравје. Ова го потврдуваат и сите до сега објавени светски научни студии. Но, добро се познати придобивките што дел од светот ги ужива од оваа технологија, како медицински интервенции на далечина, управување со уреди онлајн, возила без возач, како и придобивки за индустријата, бизнисот и секојдневнииот живот на луѓето преку нови професии и работни места.
Ова беше кажано на панел дискусијата Дијалози за Дигитална агенда: Сè што сакавте да знаете за 5Г технологијата, со цел да се расчистат некои дилеми во јаноста низ научен и популарен пристап.
Досегашните мерења на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) покажале дека поставените антени имаат до 15 отсто зрачење под максимално дозволената граница. Според професорот на ФЕИТ, Томислав Шуминоски, и операторите и производителите на опрема не би имале интерес да пласираат мобилни телефони или опрема што ќе ги убива луѓето, односно нивните корисници.
-Како што може да се види од опсезите на фрекфенциите што се предвидени за 5Г, а се тука некаде до фрекфенциите за 4Г, секој може да ги прочита истражувањата и извештаите од мерењата на АЕК на нивната веб страница. Најмногу е измерено до 15 отсто помало од максимално дозволеното. Може да се прочитаат и извештаи и трудови во светот. Од истражувањата во светот што сум ги видел, можам да кажам дека нема забележано негативни штетни влијание на човековото тело од електромагнетното зрачење, односно зрачењето од базните станици“, рече Шуминоски.
Точно е дека ќе има многу повеќе антени, ама тие антени ќе бидат мали, поставени на системот за улично осветлување на пример. 5Г сигналот бара поставување на систем за поврзување на сигналот на 500 метри, додека во густо населено место на 350 метри.
Засега единствениот проблем го прават дезинформациите, кои се многу поприсутни отколку објективните и научни информации за тоа што ново носи најнапредната 5Г технологијата, а во перспектива и 6Г технологијата. Земји како Германија или Словенија со развиена примена на оваа технологија, немаат ниту еден случај на негативно влијание врз здравејто или околината, рече Бардил Јашари, електроинжинер од Фондацијата Матаморфозис.
-Кај нас и АЕК и ФЕИТ имаат направено тестови, а досега не сум чул или прочитал факти за лошо влијание, освен теории на заговор. Ваквата загриженост според мене не е нешто лошо – тоа значи дека граѓаните имаат поголема свест и бараат повеќе сигурност пред да почнат да ја користат оваа технологија, а тоа само ќе придонесе да се подобри безбедноста на оваа технологија и уредите. Сметам дека овој страв од 5Г, оваа технофобија, зборува за непознавање на работите, непознавање за фрекфенциите на пример. Се изнесуваат тврдења дека уредите за 5Г многу се загревале… Па и постар уред, ако зборувате 20 минути, нормално е дека ќе се загрее“, посочи Јашари, кој повеќе е загрижен за евентуалните прекршувања на човековите права и приватноста од страна на операторите или други чинители.
Според него, проблем е што 5Г мрежата ќе ја користи сегашната, постоечка инфраструктура, кои се покажаа дека се „порозни“, кога е во прашање приватноста. Меѓутоа, со унапредената технологија се водело сметка и има подобар безбедносен систем.
Наместо теориите на заговор, граѓаните треба да се свртат кон придобивките – многу поголемите брзини на интернет и многу помалата латенција на интернет врска во однос на сегашните, управување со уредите во домот и кога не сте дома, преку смарт фрижидери и други уреди во мрежата, воведувањето на автомобили и камиони без возач. Ако еден филм се симнува за 6-15 минути, со 5Г ќе може за 3-5 секунди.
-5Г технологијата ќе донесе многу поголеми брзини – од 10 до 50 гигабити во секунда, а со денешната се стигнува до 200-300 мегабити“, објасни Шуминоски.
Националната стратегија предвидува до 2023 година најмалку еден поголем град да биде покриен со 5Г технологија. До 2025 до 50 отсто од популацијата. Во тек е јавна расправа во АЕК пред издавање на тендер за 5Г фрекфенции.