УПОЗ бара покачување на платите и на вработените во судовите, не само на судиите – ММС
ММС

Објавено на: 06/15/21 3:03 PM

УПОЗ бара покачување на платите и на вработените во судовите, не само на судиите

Синдикатот на УПОЗ денеска со соопштение реагира на вчерашната најава за зголемување на платите на судиите при што посочува дека немаат ништо против тоа, но оти сметаат дека зголемувањето на платите на вработените во судовите треба да биде поголемо од тоа на судиите, бидејќи, како што нагласуваат, разликата меѓу платите на едните и другите е огромна.

Синдикатот реагира и за тоа што не биле вклучени во преговорите за покачување на платите и бараат средба на министерот за правда Бојан Маричиќ со претставници на вработените во судовите и јавните обвинителства.

-Синдикатот на УПОЗ не е против зголемувањето на платите на судиите, но е против тоа што не е вклучен во разговорите и не е консултиран колкаво треба да е зголемувањето на платите на вработените во судовите. Доколку бевме прашани, со аргументи ќе докажевме дека во овој случај зголемувањето на платите на вработените во судовите и јавните обвинителства треба да биде поголемо од зголемувањето на судиите затоа што разликата помеѓу платите на судиите и другите вработени е премногу голема и предизвикува револт, кој влијае на нивната ефикасност, ефективност и посветеност во работењето, велат од УПОЗ.

Посочуваат дека судските доставувачи – курири се со плата од 16.500 денари, записничарите – дактилографи со плата од 18.000 денари, вработените во писарница со плата од 21.000 денари и  стручните судски службеници – стручните соработници со плата од 25.000 денари. Најголем дел од вработените земаат плата помала од просечната. Само многу мал број вработени, според УПОЗ, се над тој просек, а тоа се раководителите на оддели и одделенија (кои ги има само во двата најголеми судови) и администраторите. Состојбата со платите е идентична и во јавните обвинителства.

Од Синдикатот на УПОЗ нагласуваат дека се единствен репрезентативен синдикат и социјален партнер, со кој според Уставот и законите, министерот треба да разговара за сите прашања поврзани со работниот однос на вработените.