Од денес државјаните на Србија, кои ќе влегуваат со автомобил во Македонија преку граничниот премин Табановце ќе добиваат бесплатна картичка со 760 денари, за плаќање на патарините во двата правца на пат кон Грција. Ова за ММС го потврдија и од Влада.
-Од ноќеска по полноќ, на 15.06.2021 година ќе почна делењето на М-Смарт картичките на српските туристи кои ќе поминат ГП „Табановце“ и ќе транзитираат по Коридорот 10. М- Смарт картичките на српските туристи ќе се делат од страна на Министерството за внатрешни работи. Првата количина од изработени 65. 000 картички од страна на Јавното претпријатие за државни патишта се предадени на МВР. М-Смарт картичките во предвидената количина од 200.000 парчиња веќе се изработуваат сукцесивно, според утврден акциски план. Право на користење на картичките ќе имаат сите српски државјани кои патуваат со автомобил низ Република Северна Македонија по коридор 10 на кој патарините се опремени за користење на овој систем за наплата, велат од Влада.
Според нив ќе се издава по една картичка по автомобил при влез на граничниот премин Табановце за што контрола ќе прави Министерството за внатрешни работи и Јавното претпријатие за државни патишта.
-На секоја од картичките има сума од 760 денари колку што е потребно за патарина во двата правци по автопатот „Пријателство“. Картичките остануваат во трајна сопственост на српските граѓани и ќе имаат можност да ја надополнуваат преку системот e card, не помалку од 300 денари, за следен влез на територијата на Северна Македонија. Ова е гест на благодарност кон Република Србија и српските граѓани кои секогаш се добредојдени одморот да го поминат во Северна Македонија, информираат од Влада.