Прв состанок на Вучиќ и Курти, во Брисел продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина – ММС
ММС

Објавено на: 06/15/21 9:46 AM

Прв состанок на Вучиќ и Курти, во Брисел продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина

Денеска во Брисел за првпат заедно ќе седнат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти. Средбата е во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а се одржува со посредство на ЕУ.

На новата рунда разговори на високо политичко ниво, покрај Вучиќ и Курти, ќе учествуваат и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Пред продолжувањето на дијалогот, Борел одвоено ќе разговара со двајцата.

На последниот состанок на техничко ниво кој се одржа на 10. декември тема на разговор беше Заедницата на српски општини, имотните и финансиските побарувања, а од Брисел за денеска наведуваат дека нема фиксирани теми, туку ќе се разговара како ќе се одвива дијалогот понатаму.

Борел изразил задоволство за продолжувањето на непосредниот дијалог меѓу Белград и Приштина и истакнал дека знае оти дијалогот нема да биде лесен, но е неопходен за иднината на двете страни.

Српскиот претседател Вучиќ пред средбата порачал дека пред Србија се тешки денови, ситуацијата не е розева, но оти „не е време за големи зборови, туку за цврст став и да покажеме колку сакаме дијалог и колку е важно да гледаме во иднината“.

Косовскиот премиер Курти, пак, деновиве изјави дека оваа средба ќе се искористи за дискутирање за иднината на дијалогот, но нема да биде продолжение на разговорите за нормализирање на односите меѓу двете земји.