Искрено, бев убеден дека нема да загубиме со Австрија. Сепак искуството беше на нивна страна, а тоа што се многу почести учесници на големите турнири го направи своето. Натпреварот со Украина ќе биде навистина тежок, но верувам дека Македонија има големи шанси за пласман понатаму, изјави легендата на македонскиот фудбал во разговор за mms.mk, Артим Шаќири.
Македонската фудбалска репрезентација вчера во Букурешт за првпат настапи на едно големо натпреварување и освен резултатски, на друг начин воопшто не ја разочара еуфоричната публика на „Националната Арена“ во романската престолнина и во земјава. Во добар дел од исцрпувачкиот дуел со Австрија, момците на Игор Ангеловски изгледаа навистина компактно и организирано и само ситните детали претставуваа причина за поразот од 3:1 и првата пропуштена шанса за бодови во групата Ц.
Поранешниот фудбалер на Вест Бромвич Албион и легендарната „десетка“ на Македонија, токму тука ја воочува разликата помеѓу двете селекции.
-Не можеме да бараме кривица во ваков натпревар, каде што Македонија излезе како дебитант, без големо искуство. Бев убеден пред почетокот дека нема да загубиме, сметав дека ќе извлечеме најмалку нерешено. Тоа што пресуди на овој дуел беше искуството, тоа го направи своето. Тие се почесто на вакви турнири од нас. Со тек на времето и нашата селекција ќе биде во таква форма, рече Шаќири.
„Џелатот“ на Симан, како што сакаат неретко да го нарекуваат фудбалските фанатици овде и во Англија, истакна дека не би сакал да коментира тактики и стратегии. Какви и да се, тие се направени за доброто на репрезентацијата, а она што е замислено може многу лесно да се анулира по првото зачекорување на зелениот терен.
-Јас не сакам да коментирам тактики, но треба да знаеме дека секоја тактика е направена за доброто на репрезентацијата. Не е секогаш како што се планира, едно е да се подготвуваш, друго е да играш. Сосема е поинакво на теренот. Влегуваш внатре и самата игра го носи натпреварот, во тие моменти сите анализи, тактики, замисли, паѓаат во вода, додава Шаќири.
Во секој случај, екс-тренерот на Шкендија е оптимист и верува во пласман на „рисовите“ во нокаут фазата од ЕУРО 2020. Македонија најдобрите игри ги покажувала со екипите кои се големи фаворити на хартија, па оттаму и позитивниот став на Шаќири за претстојните два двобои со Украина и Холандија.
-Треба играчите да ги оставиме малку после овој тежок натпревар. Се вратија од 1:0, не треба многу да ги „малтретираме“ со анализи, затоа што ни претстои тежок меч и потребно е да се одморат, да ги смират главите. Нам „најлесно“ ни било со посилни противници, отколку со оние кои се послаби. Холандија, Германија, Шпанија, Италија, Англија, со сите овие гиганти сме одиграле на највисоко можно ниво. Фудбалот не простува генерално грешки. Една грешка чини бод, три бода. Во оваа фаза од Европското првенство ниту една репрезентација не се опушта, не ја игра својата игра, сите чекаат на грешка. Ќе биде интересно, тешко, како за нас, така и за сите. Со една победа имаме големи шанси да бидеме трети, а има уште два меча, завршува Артим Шаќири.
Македонија во четврток од раниот термин од 15:00 часот ќе се судри со препородената Украина на чело со Андриј Шевченко, во борба за освојување на првите поени на овој шампионат. Во вториот дуел од нашата група ќе се соочат Австрија и Холандија. Последниот меч во групата, надежно не и на Европското, нашите фудбалери ќе го одиграат против Холандија следниот понеделник.
Фото:
Facebook / Фудбалска репрезентација на Македонија
д.ј