(Видео) ПЦР-тестот на брат му на Горан Пандев ги збуни Романците – „Македонија навива за вас“ ечи во Букурешт – ММС
ММС

Објавено на: 06/13/21 12:54 PM

(Видео) ПЦР-тестот на брат му на Горан Пандев ги збуни Романците – „Македонија навива за вас“ ечи во Букурешт

Специјално за ММС од Букурешт: Орце Костов

Романците ги отворија акредитираните медицински центри ширум Букурешт за да ги проверат сите документи кои им беа потребни на навивачите за пристигнување во земјата домаќин на Еуро2020.

Во центрите работат волонтери кои го проверуваат секој навивач од Македонија дали со себе носи влезница, пасош и еден од наведените сертификати за Ковид-19: дека сте биле вакцинирани, сте прележале Ковид или сте биле негативни на тест 72 часа пред мечот.

Токму ПЦР-тестот од македонските акредитирани лаборатории им беше сомнителен на романските власти. Сите што имаа вакви тестови вклучувајќи ја и новинарската екипа на ММС мораа да се убедуваат дека тој тест е валиден, односно дека нема потреба фановите да плаќаат дополнителни 8 евра за брз антиген тест во нивната лабораторија.

Меѓу нив беше и брат му на Горан Пандев, Сашко Пандев кој од Струмица дошол со сопругата и пријателите.

– Си поминуваме убаво, само овие процедури да не бидат комплицирани. Ако ни прават проблеми, тогаш ќе се пожалиме во македонската амбасада. Дојдовме со автомобил преку Бугарија, тргнавме рано и немавме проблеми. Едвај чекаме да почне мечот, многу е важно што тимот на Еуро2020 и јас мислам дека ќе славиме вечерва – изјави ексклузивно за ММС, Сашко Пандев откако набави нараквица за влез во стадионот.

Македонија ќе ја бодрат околу 2.000 навивачи кои на различни начини преку нашата Фудбалска федерација и УЕФА, како и преку романските интернет страници за продажба на билети, успеаја да дојдат до место на Националната арена во Букурешт.

На  стадионот доаѓате со билет, нараквица и личен документ за идентификација, а треба да внимавате на времето за пристап на стадионот означено на билетот.

Организаторот не дозволува да дојдете со поголем багаж од димензиите на лист А4, односно може да влезете со женска или машка чантичка. Не е дозволен да влезете со чадори, храна или пијалоци, а видео камерите и професионалните фотоапарати не се дозволени на стадионот. Штом ќе дојдете на портата на стадионот, носењето маска е задолжително се додека не заминете по завршувањето на натпреварот.

„Секој мора да носи резервни маски во случај да се оштети првата. Само хируршките или FFP маските се прифаќаат, а не оние направени од друг текстил. Во внатрешноста на стадионот  може да се купи вода, сокови и сендвичи. Храната може да се конзумира само на местата распоредени во близина на продажните места. Ќе може да се влезе на трибините само со пијалоци. Моментите кога јадете или пиете се единствените кога не се носат маски, бидејкќи во спротивно, маската е задолжителна и мора да ги покрие устата и носот.

На стадионот има диспензери со средства за дезинфекција – користете ги!“ пишува во водичот за фановите.

Фото: Вангел Тануровски