Под паролата „Кога пилите ќе стивнат”, денеска напладне 12 часот, во Дебар Маало ќе се одржи мирен граѓански протест во знак на револт од сечењето на дрвјата при реконструкцијата на улица Орце Николов од службите на Општина Центар. Протестот како што информираат е во организација на коалицијата на локални граѓански здруженија „Зелен Хуман Град“.
„Како причина за овој протест го наведуваме неодговорниот и манипулативен однос на
властите, кои го оправдуваат овој најнов масакр врз кревкото градско зеленило со
наводна дотраеност на дрвјата, иако повеќето од исечените дрвја беа со зелени крошни и
обезбедуваа воздух и сенка за локалните жители. Со ваквите нетранспарентни и
антинаучни одлуки, властите потврдуваат дека немаат никакво разбирање за критичната
состојба со животната средина, и дека немаат слух за потребите на скопјани“, информираат од оргаизацијата на коалиција на локални граѓански здруженијата „Зелен Хуман Град“.
Според програмата на протестот, активистите и граѓаните најпрвин ќе застанат во круг околу местото на злосторот, и со минута молк и оставање цвеќиња ќе им оддадат почит на
дрвјата кои беа последната колатерална штета на разулавената градежна офанзива. По овој симболичен гест, протестот ќе биде префрлен кај дрвјата во близина на Синдикат кои
се уште стојат но се планирани за сечење, со цел да се испрати порака кон властите дека
е неодржливо и недозволиво да се продолжи со ваквиот екоцид.
Општина Центар пак информираат дека останува посветена на остварување на заложбите за создавање на чиста, уредна и еколошка општина, општина која треба да претставува пример за другите општини во државата. Оттука, во целост го разбираме најавениот протест на граѓаните по повод сечењето на дрвата на улицата „Орце Николов“ и потполно го поддржуваме правото на слобода на говор и изразување.
Во однос на барањата упатени до Општина Центар од организаторите на протестот, „Зелен хуман град“, од Општината појаснуваат неколку дилеми кои изминатите денови кружат во јавноста.
„Издадено е решение за отстранување на 13 дрва, од кои отстранети се 8, по претходно извршени испитувања од надлежните стручни служби, каде е утврдено дека се работи за стари, болни и оштетени дрва. Крошните на дрвата чии гранки се кршеа при секое поголемо невреме во градот претставуваа опасност за граѓаните и минувачите. Во повеќе наврати до општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија“, стои во соопштението испратено од Општина Центар.
Проектот за улицата „Орце Николов“ веќе две години е изложен на увид во Општина Центар, објавен е на општинската веб страна, неколку пати е објавуван и во јавноста и сите засегнати граѓани можат да дојдат во општината и лично или електронски, да се уверат во содржината на истиот. Извршена е ревизија и проектот за улицата „Орце Николов“ ги има поминато сите фази на контрола при изработката. Крајната наша цел е граѓаните да добијат квалитетна и безбедна реконструирана улица.
Како што велат од Општина Центар, остануваат на ставот за зачувување на целиот дрворед на улицата „Орце Николов“, отстранетите дрва ќе се заменат со нови, а Центар, Скопје и граѓаните ќе добијат нова, квалитетна и безбедна улица.