Муралот на Кузмановски награден од раководството на Гимназијата во Тетово пред 55 години, уништен со поликорол од сегашното раководство – ММС
ММС

Објавено на: 06/12/21 12:22 PM

Муралот на Кузмановски награден од раководството на Гимназијата во Тетово пред 55 години, уништен со поликорол од сегашното раководство

Гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово остана без уметничкиот белег, муралот на тема Образование, насликан од Академскиот сликар Павле Кузмановски. Раководството на Гимназијата, решила да го премачка со бела боја за време на реконструкцијата на зградата, откако како што велат инспектори оцениле дека делото кое било оштетено од влага, не можело да се заштити.

Го посетивме академскиот сликар Павле Кузмановски. Тој на муралот се потсетуваше преку единствената фотографија која му останала од ова дело, кое го изработил пред 55 години, а со кое се подготвувал за дипломската работа. Вели за делото бил награден од тогашната управа на Гимназијата.

„Пред 55 години тогаш млад при завршување на факултетот на крајот од деветтиот семестар, десеттиот семестар ми беше подготовка на димпломска. И дојдов дома на распуст и ми дојде идеја да отидам во Гимназијата и разговарав да направам еден мурал и тие прифатија. Не барав никаков надомест и така јануари и февруари за два месеци го направив тој мурал во маслена техника со тема Образование со оглед на институцијата каде и ја насликав. И тоа барање и желба се оствари и тогаш кога заминав назад во Белград ме изненадија од гимназијата со еден од чек со добра сума“, рече Кузмановски.

Кузмановски откако го насликал делото не го видел во наредните 10 години. Го повикале од тогашната управа на Гимназијата да му кажат дека имало влага, но таа влага вели веднаш била санирана. Но сега вели никој не го повикал, дури и неодамна кога муралот бил премачкан со бела боја. Кузмановски вели дека можело муралот да се зачува, ако раководството имало волја.

-Од раководството на Гимназијата образложија дека инспекторите рекле оти делото не е од национален интерес, па може да се уништи. Сега се поставува прашањето дали сите дела кои не се од национален интерес треба да се уништат, тоа не е точно, дека тие дела имаат автори, тоа преставува белег на еден настан, белег на еден автор. Сигурно можело да се заштити, јас не верувам како што велат поради олуци што течеле, што бараат олуци во внатрешноста, може само да имало влага. Да ме викнале сигурно би го санирал. Сега остана само фотографијата од тоа дело. Ако некој побара јас би го направил муралот. Но тогаш го насликав за два месеци, сега сум во години и сигурно би го сликал повеќе од една година – ни изјави Павле Кузмановски.

Осуда за овој,како што го нарекоа, вандалски чин пристигна од голем дел од тетовските уметници. Велат делото на Кузмановски е идентитет и белег на градот, а некој решил таа цела историја која стоела на еден од ѕидовите во Гимназијата, да ја уништи за неколку минути со поликолор.

-Осуда за овој чин кој е непримерен и нецивилизиран. Ова не е првпат да се уништуваат дела на познати тетовски уметници. И други дела на Кузмановски виреаа и во Центарот за култура Иљо Антески Смок и тие таму беа уништувани сечени, копани и слично, но дојде време кога Кузмановски ги реставриваше и сега се во Музејот на тетовски крај. Ова е град на сите нас и треба да ја негуваме културата, дека тоа е идентититет на градот, а делата на Кузмановски се репрезент на ликовната уметност, рече Саше Серафимоски

Од раководството на училиштето велат дека не можеле да го заштитат муралот врз кој течело повремено и вода од олуците, па решиле да го премачкаат, а инспектори според директорката на оваа установаа Теута Лала, дошле на лице место и утврдиле оти не се работело за дело од национален интерес на државата. 

 

Зоран Димовски