Средбата во болница ги одведе до брак полн со љубов за цел живот: Приказната на Елизабета и Новче Тодоровски е доказ дека кога се сака се може се’ – ММС
ММС

Објавено на: 06/11/21 7:00 PM

Средбата во болница ги одведе до брак полн со љубов за цел живот: Приказната на Елизабета и Новче Тодоровски е доказ дека кога се сака се може се’

Навидум безгрижен бил шестиот ден од март во 1987-та година, за група гимназијалци кои тргнале на екскурзија од Скопје до Попова Шапка. Спокојно поминатиот ден во дружба на чистиот планински воздух, претворајќи се во кошмар сепак на дел од нив долгорочно им го променил животот. Таа доцна зима всушност ќе донесе преседан во животот на десетиците тинејџери, меѓу кои и петнаесетгодишната Елизабета. Средношколката тогаш не ни претпоставувала дека она што ќе остави трага засекогаш, ќе ја одведе до љубовта на нејзиниот живот, кумановецот Новче Тодоровски. Таа за Македонски медиа сервис ја раскажа нивната љубовна приказна чие пишување нималку не било лесно, но низ која се проткајуваат разбирањето и поддршката.

-Кога имав 15 години со соучениците бевме на екскурзија до Попова Шапка. На враќање сопирачките на автобусот откажаа и тој се преврте. Среќа во несреќа беше што преживеав, но имав повреда на ‘рбетот и исходот беше траен инвалидитет – ја почнува својата приказна, нашата соговорничка Елизабета Тодоровска. Кога наполнила 17 години нејзините родители ја однеле во Специјализираната болница за ортопедија во Охрид, каде таа го запознава дванаесет години постариот Новче. Тој пак, добил траен инвалидитет откако кога имал 9 години, негово другарче ненамерно му испукало куршум од ловџиска пушка. Разговорите меѓу болничките ѕидови тогаш биле сосема пријателски, но на следната средба почнале да се раѓаат поинакви емоции.

„Тогаш болницата во Охрид беше центар за рехабилитација и разменувавме искуства со тие што биле поодамна останати инвалиди. Разменувавме искуства, ни кажуваа како да се справиме, на што да се внимава. Сѐ одеднаш во мојот живот се смени. Разменувавме искуства за тоа како ни е пристапен домот, јас живеев во куќа и не требаше нешто посебно да прилагодуваме во домот, но направивме прилагоден тоалет, рампа. Разговаравме за тоа како ќе се одвива животот, ни кажуваа со какви проблеми ќе се соочуваме понатаму“, се сеќава Елизабета.

Луѓето со попреченост во земјава веќе со години си организираат дружби на кои разменуваат совети и искуства, па така било и на почетокот на 90-те години кога Елизабета и Новче се сретнале на еден спортски натпревар наменет токму за лицата со инвалидитет.

„Тогаш се натпреварував во атлетика, а тој иако настрадал од ловџиска пушка, се натпреваруваше во ловџиство и исто и атлетика. Потоа и јас продолжив да се натпреварувам со воздушна пушка“, вели Елизабета.

Почнале да комуницираат телефонски, па да се дружат поинтензивно и така почнале врска. За да може почесто да ја гледа својата сакана, Новче изработил рачни команди за својот автомобил, па често патувал до главниот град.

„На почетокот тој доаѓаше во Скопје, јас немав автомобил“, ни раскажа Елизабета. Младата двојка уживала на концерти, филмови во кино и вечри во ресторани.

Елизабета решила и таа да научи да вози, па Новче направил рачни команди и на нејзиниот автомобил. По четири години, тие веќе се умориле да патуваат за да бидат заедно и решиле да стапат во брак.

„Веќе во 94-та година видовме дека можеме да функционраме и се земавме“, вели таа додавајќи дека нивните семејства гледале на тоа со резерва, но за кратко време сфатиле дека тие може да функционираат.

Свадбата ја направиле сосема скромно, прославувајќи со најблиските дваесетина луѓе. Како плод на љубовта се родил и синот Никола.

Додека Новче работел во билијард клубот во негова сопственост, Елизабета решила да се посвети на чувањето на детето и домашните обврски.

„Нашите семејства ништо повеќе не ни помагаа отколку семејствата на луѓето без попреченост. Нормално, одвреме навреме на секој му треба помош. Живееме цело време во Куманово, билијард клубот си работеше, сопругот беше повеќе ангажиран. Повеќе си бев околу домот и детето.  Блиските ни помагаа кога Никола требаше да оди на некое место кое за нас не беше пристапно, значи најмногу од тој аспект“, додава таа.

Бети вели дека Никола кој сега има 26 години веќе не ги дружи толку родителите и повеќе време поминува со пријателите, но додека бил мал често го носеле на дружбите за лицата со попреченост.

„Сме шетале со детето, тој кога беше помал повеќе нѐ дружеше. Нема град од Македонија каде не сме биле. Постојано шеташе со нас, a Куманово-Скопје ни беше нормална релација. Тој уште од двегодишна возраст доаѓаше со нас на натпревари и имаше комуникација постојано со луѓе со различен инвалидитет. Гледаше дека се шегуваме, се дружиме на тие средби и тој не поставуваше многу прашања околу тоа. Тоа го прифати како нешто нормално, знае дека сите сме луѓе“, посочува Елизабета.

Уште од најмали нозе, таа и Новче го учеле дека кај луѓето најважни се душата и карактерот.

„Уште кога беше дете му кажувавме дека важно е човек да е човек, да помогне на секого кога е во можност“, ни изјави таа. Вели дека поради пандемијата не може да се дружи со своите пријатели и истакнува дека таквите собири многу и’ недостигаат.

„Сега моментално сопругот е во пензија, а јас сум околу домот. Имам цвеќиња во дворот, имам љубов за готвењето.  Имам учествувано на тортијадата за лица со попреченост. Инаку на средбите доаѓаа многу луѓе, па останавме во контакт. Недостасуваат средбите секако, целата ситуација со ковидот ни го промени животот.  Со некои пријатели од 90-те години ден денес се дружиме“, додава таа.

Ја прашавме и каква е ситуацијата со инклузијата на граѓаните со телесна попреченост во земјава, на што забележува дека многу повеќе се зборува отколку што се прави.

„Мрднавме од некоја почетна точка во споредба со тие години, прво немаше ни пристап до училиштата, гледам дека сега се прилагодени. Треба и тоалети, не само пристапна рампа. Кога ќе се спомене лице со попреченост се мисли прво на лице во количка и на пристапност. Но не е само тоа. На новите згради има рампи, но тие не се функционални. За да биде објектот  пуштен во употреба треба да има рампа,  но не е функционална. Значи оваа тема е многу извикана,  а малку е направено“, забележува Елизабета.

Таа признава дека имала моменти кога стресот бил поголем и паѓала психички, но вели во такви ситуации детето ве мотивира да оставите се на страна, да се насмевнете и да продолжите понатаму. За синот вели дека е најголема гордот за неа и Новче, впрочем како и секое друго дете кое е гордост за своите родители.

„Синот заврши факултет, но моментално е невработен. Сака дружби, патувања,  сака да се надоградува“, посочува Бети.

Порачува дека за убав брак не е потребно ништо друго освен разбирање и почитување.

„Неопходно е другата личност да се почитува“, кусо истакна таа.

Пораката упатена на крајот од разговорот за ММС се однесува на сите лица со инвалидитет, на кои таа им порачува да се охрабрат, често да излегуваат од дома и да се дружат.

„Можеби на почетокот ќе им биде тешко во извршувањето на секојдневните обврски, но вреди бидејќи седејќи дома животот поминува, а убавините нема да му ги видат“, заклучува Тодоровска.

 

 

Вања Мицевска