Ќе има ли воведување на еколошки такси од четири денари и дали ќе се намали ДДВ за струјата од 18 на 5% и како тоа ќе влијае на Буџетот, Владата се уште нема донесено одлука, но се прават анализи во поглед на владината еколошка агенда за зелена транзиција, инвестирање во обновливи извори на енергија и создавање на Еколошки фонд, изјави денес министерот за финансии Фатмир Бесими, одговарајќи на новинарско прашање.
„ Не се работи за зголемување на акцизи, туку за еколошки такси, меѓу кои се опфатени и нафтените деривати. За оваа мерка Владата се уште нема донесено одлука. Тоа е агенда усвоена во ЕУ, тоа е Париската агенда за зелен раст, а исто така и делот на зелената агенда на Западен Балкан што минатата година во октомври исто така беше усвоена и препорачана од страна на ЕУ. Исто ќе постапиме и во однос на намалувањето на ДДВ-то за струјата. Ние ги следиме трендовите и барањата на граѓаните, а по анализите и дискусиите со опфатените со мерката, ќе донесеме одлука,“ рече Бесими.
Тој не потврди дали овие мерки ќе се најдат во ребалансот на Буџетот и ќе почнат да важат од 1 јули.
Бесими во врска со јавниот долг и дали тој до крајот на годината ќе достигне осум милијарди евра или 64% од БДП, рече дека до крајот на годината се предвидува државниот долг да биде 52,3 отсто од БДП, а јавниот долг 62,4.