Со сор му влегол дома на спиење и му барал 75.000 денари – ММС
ММС

Објавено на: 06/11/21 12:05 PM

Со сор му влегол дома на спиење и му барал 75.000 денари

Постапувајќи по поднесената кривична пријава јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против едно лице од с.Прждево, Демир Капија, за кое постои основано сомнение дека го сторило кривичното дело – Изнуда од член 258 став 2 во врска со став 1 во врска со член 19 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 10.06.2021 година во 05,30 часот, носејќи со себе опасно орудие – сор со сечиво од 50 см кој се употребува за рачно сечење на гранки, влегол во семејната куќа на оштетениот во Богданци. Тој отишол во дневната соба каде што спиеле оштетениот и неговата сопруга. Во моментот кога осомничениот застанал со сорот во раката над оштетениот, се разбудила сопругата на оштетениот и почнала исплашено да вика. Од викањето оштетениот се разбудил, а осомничениот држејќи го сорот во раце, започнал да упатува сериозни закани кон оштетениот за да му даде пари во износ од 75.000 денари. Осомничениот сметал дека оштетениот му ги должел паричните средства на име надомест за работа,  за одгледување на кози во сопственост на оштетениот во период од два и пол месеци. По упатените закани , осомничениот излегол надвор и продолжил со викањето, на кој начин со сериозна закана со употреба на опасно орудие, со намера за себе да прибави противправна имотна корист се обидел да го присили оштетениот да стори нешто на штета на својот имот да му даде 75.000 денари, кои пари оштетениот не му ги должел на осомничениот.

 Гевгелиското обвинителство до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија поднесе Предлог за определување на мерката притвор против осомниченот, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и дека ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе го стори кривичното дело со кое се заканува. Основниот суд Гевгелија донесе Решение со кое на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.​