Учебната година за основците и средношколците веќе заврши, но студентите сѐ уште ги полагаат тестовите преку кои треба да покажат какви знаења стекнале. Испитната сесија која е актуелна месецов создава страв кај младите, кој е проследен и со физички симптоми, манифестирајќи ја психолошката состојба позната како испитна анксиозност. Овој тип анксиозност е состојба која може да се јави пред, за време на или по испитните околности. За конкретното влијание на испитната сесија врз студентите, Македонски медиа сервис разговараше со проф. д-р Калина Сотироска Иваноска од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје.
-Најпрвин треба да направиме разлика помеѓу стрес и анксиозност. Најчесто се користат како синоними, бидејќи имаат слични симптоми како: главоболка, зголемено потење, задишување, слабост, гадење, треперење на гласот и слично, меѓутоа кај стресот точно се знае која е причината, додека кај анксиозноста најчесто не се знае точната причина за предизвикување на овие симптоми. Исто така при стрес, човекот се бори со стресната ситуација, а при анксиозност човекот се чувствува беспомошен. Тогаш кога вознемиреноста и сомневањето во себе ќе ги измеша резултатите од тестот, ќе влијае на одговорите, се јавува чувство на беспомошност и неспособност, а притоа се очекува можен неуспех и интензивна желба да се напушти ситуацијата. Тогаш веќе станува збор за испитна анксиозност.
На кој начин оваа анксиозност може да влијае врз резултатите на тестовите? Колку поради испитната анксиозност, еден студент може на прашањата на тестовите да даде одредени одговори кои нецелосно го манифестираат неговото знаење?
-При испитна анксиозност се јавува загриженост која се однесува на размислување насочено кон себе, кон моменталната ситуација и можните последици. Доминира самокритиката и загриженоста, кои се сосем непотребни за завршување на задачата. Се блокира размислувањето и се јавува збунетост. Со тоа се оневозможува успешна перформанса и ќе се намали ефикасноста за извршување на задачата, што значи ќе дека ќе се добијат лоши резултати на испитувањето.
Како испитната анксиозност се поврзува со карактерот на студентите? Дали оваа состојба укажува на мала самодоверба, или можеби некоја друга особина кај еден млад човек?
-Најчесто непријатните искуства во текот на студирањето, честото паѓање на испити доведуваат до негативни размислувања и предизвикуваат страв за секое следно појавување на испит. Истражувањата покажале дека високо ниво на испитна анксиозност се манифестира кај студенти кои имаат ниска самодоверба, кои имаат негативни ставови кон учењето и студирањето. Исто така, поединците кај кои е изразен мотивот за избегнување неуспех, кој се базира врз стравот од неуспех се јавува испитна анксиозност. Несомнено, неподготвеноста за испит, учење до последниот момент, недоволна посветеност и ангажираност кон материјалот, е поврзан со изразена испитна анксиозност.
Какво е менаџирањето на испитната анксиозност кај студентите по психологија? Дали поради природата на студиите кои ги одбрале, тие успеваат подобро да се справат со стресот кој го носи сесијата?
-Земајќи го предвид предметот на психологијата како наука која ги изучува психичките појави, како и примената на теориите во секојдневието, сметам дека студентите по психологија со текот на студиите и како што ги восприемаат знаења, научуваат како да ја контролираат анксиозноста. Стануваат свесни дека не претставува болест, туку дека секој на свој начин може да ја надвладее ситуацијата. Применувајќи притоа различни стратегии кои им овозможуваат да ја контролираат ситуацијата и да го насочат своето внимание кон успешен и ефикасен резултат од испитите.
Исто така, професорите на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, се сензитивни кон испитната анксиозност кај студентите, знаат да ја препознаат и им помагаат кон надминување на испитната анксиозност преземајќи различни начини на насочување на студентите. А, секако студентите по психологија знаат дека подготвеноста на испит е обратно пропорционална со испитната анксиозност, што значи колку повеќе се подготвиле и совладале материјалот, а притоа биле активни на предавањата и проектните активности, толку помалку ќе се јави анксиозност на испит.
Кое е решението и како студентите во ваква ситуација подобро да се справат со негативните емоции?
-Постојат различни стратегии кои треба да се искористат за успешно завршување на испитите. Пред сѐ најважно е добро да се подготват за испитите, на време и континуирано во текот на целиот семестар, редовна посета на предавањата, како и активно учество во дискусиите и исполнување на задачите. Полагањето на испитот да се постави пред себе, да развијат самодисциплина. Најчесто студентите забораваат на овие активности, ги обзема агонија во исчекување на испитите, смислуваат негативни сценарија кои најчесто не се случуваат, а и да се падне на испит не е крај на светот, секогаш постои можност за повторно полагање. Неопходно е да се опуштат студентите, да се релаксираат, да се научат да учат ефикасно. Да не заборават да јадат и пијат на денот на испитот, бидејќи потребно е мозокот да функционира, потоа физичката активност, вежбање деновите пред испитот, но и на самиот ден на испитот овозможува ослободување од притисокот.
Неопходно е студентите добро да спијат, бидејќи спиењето е поврзано со академските резултати. Разговор со професорот, објаснување на ситуацијата може да помогне во изнаоѓањето стратегии за надминување на испитната анксиозност. Да се избегнат колеги кои панично зборуваат за испитите, најдобро е да се избере средина која одговара да се чувства пријатно. Секако разговор со експертите за ментално здравје, психолозите и психијатрите, ќе придонесе за надминување на анксиозноста. Испитната анксиозност не мора да биде трауматско искуство, претворете ја во мотивирачка активност да преземете самоконтрола, да развиете самодоверба и научите да мислите на позитивен начин сѐ со цел да постигнете успех не само на испитите, туку и во сите сфери на живеењето.
Вања Мицевска