Дијалогот со Русија „не е знак на слабост“ туку е клучно нешто за подобрување на нарушените односи на Алијансата со Москва, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сме силни, обединети сме и тогаш можеме да разговараме со Русија и треба да разговараме со Русија за да се стремиме кон подобри односи“, изјави Столтенберг за новинарите во Белата куќа, по состанокот зад затворени врати со американскиот претседател Џо Бајден.
„Дури и ако не веруваме во подобри односи со Русија, треба да ги менаџираме тешките односи со Русија. Контролата на оружјето, транспарентноста, намалувањето на ризикот – сите овие прашања се важни“, додаде Столтенберг.
Изјавите на Столтенберг доаѓаат во период кога Бајден се подготвува за неговата прва средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Билатералниот самит во Женева, Швајцарија, на 16 јуни е на крајот од првото меѓународно патување на Бајден, откако ја презеде функцијата во јануари. Тој најпрвин ќе учествува на самитот на Г7 во Велика Британија од 11 до 13 јуни, а потоа ќе има средби со партнерите од НАТО и ЕУ во Брисел на 14 јуни.
Белата куќа ја подготвува средбата да биде со фокус на „стратешката стабилност“ меѓу светските ривали, како и голем дел од разговорите да се фокусираат на контролата на оружјето, намалувањето на нуклеарното оружје и тековните преговори за враќање на Иран и САД кон целосна усогласеност со иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
На средбата се очекува да стане збор и за ситуацијата во Украина и Белорусија.
Столтенберг го поздрави фактот што претседателот Бајден ќе се сретне со лидерите во НАТО пред да се сретне со Путин, додавајќи дека во Овалната соба со Бајден разговарале за важноста на контролата на оружјето, како и за разговорите со Русија.