Заев за „Еуроњуз Албанија“: Регионалната соработка е компатибилен процес со интеграциите на целиот регион во ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/21 7:13 PM

Заев за „Еуроњуз Албанија“: Регионалната соработка е компатибилен процес со интеграциите на целиот регион во ЕУ

Во интервјуто за „Еуроњуз Албанија”, премиерот Зоран Заев се осврна на процесот на интеграциите на регионот во ЕУ истакнувајќи дека како политичар и како човек силно верува во регионалната соработка како компатибилен процес на интеграциите на целиот регион во ЕУ, пренесуваат од прес-службата на Владата.

-Колку повеќе ја унапредуваме регионалната соработка, толку повеќе Европа ќе нé почитува. Најмалку што треба да направиме е да се обединиме во делот на заедничкиот настап, ослободувањето на границите за слободен проток на луѓе, на стока, на трговија на капитал, на информации. Навистина имаме што да ѝ понудиме на Европа, но и да примиме од неа. Затоа со премиерот на Албанија, со претседателот на Србија ги разработуваме опциите за она што некои го нарекуваат „Мини Шенген”, а некои го нарекуваат зголемена регионална соработка. Ова е компатибилно со процесот на нашата интеграција во ЕУ, затоа што целиот регион економски зајакнува и така полесно ќе се интегрираме кон ЕУ, истакнал премиерот Заев во интервјуто.

Тој додаде дека сите земји од регионот се дел од ЦЕФТА и дека не само што треба да го унапредиме она што ни е заедничко постигнато, туку и да одиме чекор понапред и да ѝ покажеме на Европа дека и заедно со нејзината помош, ние можеме да направиме уште повеќе.

-Губиме години, децении и затоа јас зборувам дека е возможно низ дијалог да се најдат решенијата за многу прашања во регионот. Јас бев подготвен да заминам од политиката со решавањето на проблемот со името кој го имавме со Грција, но на крајот граѓаните коишто имаа сериозни емоции со причина и беа резервирани, критични, сепак гласаа за иднината. Победив на демократските избори што следуваа, затоа што сите сакаме на децата да им оставиме подобра иднина. Да, треба да го почитуваме минатото, но тоа треба да биде основа за сегашноста и за иднината. Ние како Северна Македонија ќе го поддржиме секое решение што ќе го договорат лидерите и коешто гарантира мир, европски перспективи, меѓусебно прифаќање, помагање, разбирање на сите заедници што живеат во едната или другата земја. Тоа е многу важно и ние ќе го поддржиме тоа што ќе го договорат, заради тоа што и тие го прават тоа заради својата европска иднина, порача Заев.

Околу заложбите за заедничкото управување на граничните и царински контроли и забрзувањето на протокот на патници и стока со соседните земји премиерот потенцираше дека регионалната соработка може да му помогне на дијалогот воопшто.

-Отворивме „One stop shop” со Србија, сега во Тирана ќе потпишеме договор за заедничка контрола на границите со Албанија, а следно е Косово. На крајот целта е да има „No stop, just go”. Сакаме да ја зголемиме меѓусебната доверба на институциите за безбедност, институциите за храна, да обезбедиме признавање на дипломите и слично. Тоа ќе им го олесни животот на граѓаните, рече премиерот Заев во интервјуто за „Еуроњуз Албанија”.

 

 

 

Фото:

Сектор за односи со јавност / Генерален секретаријат