Недела како неработен ден станува реалност, велат од ССМ – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/21 6:43 PM

Недела како неработен ден станува реалност, велат од ССМ

Сојузот на синдикатите е задоволен што Владата го усвои предлог-текстот на законското решение кое треба да овозможи недела да биде неработен ден и побара пратениците што поскро да го донесат со цел овој закон, кој според нив значи поголема заштита на правата на работниците.

-По средбата помеѓу претседателот на ССМ, Дарко Димовски и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, Влада на Република Северна Македонија денеска го усвои предлог текстот на Законот за работните односи во делот на прогласување на недела како ден на неделен одмор за македонските работници. Оваа иницијатива на ССМ се преточува во законско решение изградено по пат на социјален дијалог, а кое ќе значи дека заеднички ја враќаме неделата како ден на неделен одмор, а додека за мал број на работници кои работат во оние дејности кои се во исклучоците се спречуваат злоупотребите од страна на работодавачите со сериозни казни, односно ќе се работи само во оние дејности каде што навистина производниот процес, или пак, потребите на општеството, тоа го бараат како неопходност за што ќе следува надоместок од најмалку 50 отсто и зголемена дневница до 100 проценти зголемување за работниците во моловите, а со колективните договори веќе се уредени и повисоки износи, велат од ССМ.

Оттаму потенцираат дека нивните предлози во најголем дел беа прифатени, но потсетуваат дека како што тоа било случај и до сега, сите промени треба да бидат изградени по пат на социјален дијалог. Апелираат уште еднаш да се размисли за слободниот ден за работниците кои ќе работат во недела да биде денот пред или денот по денот недела односно сабота или понеделник, за да може навремено, работникот кој ќе работи во недела да си го планира слободниот ден и слободното време.

Од ССМ ги повикуваат пратениците да ги имаат во предвид забелешките на ССМ, да ги повикаат да ги образложат и пред нив и што поскоро, и да го донесат законското решение кое ќе значи унапредување и заштита на работничките права.

 

 

 

МИА