Првиот состанок со физичко присуство на лидерите на земјите на Г7 по речиси две години ќе се одржи во Велика Британија в петок со фокус на пандемијата на Ковид-19, глобалните геополитички ризици и климатските промени, јавува Агенција Анадолија (АА).
На тридневниот Самит во крајбрежниот регион Корнвол, се очекува британскиот премиер Борис Џонсон да ги повика лидерите од групата Г7 да соработуваат со цел да се стави крај на пандемијата.
За време на викендот Џонсон изјави дека ќе побара од неговите колеги да се посветат кон вакцинирањето на светот против Ковид-19 до крајот на следната година.
„Ги повикувам моите колеги, лидери на Г7, да ни се придружат да ставиме крај на оваа страшна пандемија и да ветиме дека никогаш нема да дозволиме да се повтори девастацијата предизвикана од коронавирусот“, рече тој.
Дополнително, Велика Британија има за цел да упати порака за соработка за позелени решенија со живописниот регион Корнвол, кој се смета за централен во секторот за зелена технологија на Велика Британија.
Агендата на Самитот се очекува да вклучува и теми како поддршката на слободната и фер трговија и зајакнувањето на сајбербезбедноста, главна тема по неодамнешните високопрофилни сајбер напади во САД.
Министрите за финансии на земјите од Г7 во саботата, исто така, се согласија за глобалниот минимален корпоративен данок од најмалку 15 отсто за мултинационалните корпорации во секоја земја каде што работат.
Г7 е организација составена од седум најголеми напредни економии во светот: Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.
Земјите од Г7 се среќаваат секоја година под раководство на една земја со цел да ја проценат економската агенда, да создадат заеднички политики и да ја зајакнат соработката.
Меѓу лидерите на земјите-гости поканети на Самитот оваа година се австралискиот премиер Скот Морисон, јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса и индискиот премиер Нарендра Моди.