Судот во Хаг ја потврди одлуката, Ратко Младиќ е осуден на доживотен затвор – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/21 5:00 PM

Судот во Хаг ја потврди одлуката, Ратко Младиќ е осуден на доживотен затвор

Ратко Младиќ, поранешниот командант на Армијата на Република Српска, правосилно осуден е на доживотен затвор поради геноцид и злочин против човештвото во војната во Босна и Херцеговина. Судот во Хаг денес ја потврди оваа одлука, а Жалбениот судски совет ги одби сите жалби од одбраната на осудениот.

Хашкиот трибунал го прогласи за виновен Младиќ по 10 од 11 точки од обвинението: геноцид, злочин против човештвото, истребување и злочин против цивилно население, убиство, депортација, нехумано преместување, тероризирање, противправни напади на цивили, земање заробеници, пренесува српски „N1“.

Младиќ се наоѓа во затворот во Холандија од 2011 година, по апсењето на српските власти на 26-ти мај истата година во близина на Зрењанин.

Поради тешките здравствени проблеми на поранешниот командант, рочиштата во повеќе наврати беа одложувани. Судењето траеше од 16-ти мај, 2012 година, до 15-ти декември, 2016 година, а за тоа време се сослушани приближно 400 сведоци.

Ратко Младиќ е роден на 12 март, 1942 година во Калиновик, Босна и Херцеговина. На почетокот на војната во Југославија и на територијата на БиХ, тој станува командант на Армијата на Република Српска во 1992 година. Окончувањето на војната и потпишувањето на Дејтонскиот договор во 1995 година, го прави Младиќ бегалец повеќе од една деценија.