Пред две години, Марија Јосифовска од Валандово дипломирала на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Како млада мајка на две деца живеејќи надвор од местото на студирање, оваа валандовчанка морала да вложи многу труд, енергија и време за да ја оствари својата цел и да најде работа која ќе ја исполнува. Сепак, Марија заработува со земјоделска работа, додека актуелната легислатива ја ограничува да се вклучи во работата на јавните установи за социјална заштита.
Онлајн петиција: Барање за вметнување на профилот семејнолог
Овој проблем го имаат и нејзините колеги од студентските денови, па тие со поддршка на своите професори деновиве потпишуваат онлајн петиција. На овој начин бараат измена на Законот за социјална заштита, односно на член 197 кој ги предвидува категориите на работни места на вработените во јавните установи за социјална заштита.
Со слично нешто веќе десетина години се соочуваат и дипломците од Институтот за родови студии – вели Јосифовска за ММС МК. Освен за отежнатата потрага по соодветно работно место и за актуелната петиција, Македонски медиа сервис со неа разговараше и за значењето на овој кадар за општеството.
„Денес во глава ми се вртат зборовите што ни ги кажаа на првиот час во 2014-та година. Влеговме во тој голем амфитеатар, ние сме прва генерација од семејни студии, па имаше многу ветувања дека може да работиме во невладини организации, во образование, во социјални институции. Сите студиски години учевме за тоа и навистина сеопфатен беше Институтот. Учев со голема надеж и мотивација“, вели Јосифовска која како студентка одела на пракса во институции каде денес не може да биде вработена.
„Јас бев на пракса во училиштето во Јосифово, па во социјалната установа во Валандово. Ние не сме признаени, немаме претстава како е формиран Факултетот воопшто и додека не дојде време да се вработиме тоа никој не ни го спомна. Мислевме дека ќе сме признаени. Ние не можеме да се јавиме на конкурс за вработување бидејќи не не’ бараат. Сме прашувале во општини, во образовани, но ништо“, додава Марија.
Извесно време таа работела како личен асистент на дете со попреченост, но тоа го работела со дипломата од средно училиште.
„Самите институции не може да не’ пријават. Имаме шифра за вработување, на пример ако се вработиме во приватно психолошко советувалиште може да не’ пријават, но тоа пак е само во приватниот сектор, а во државните установи како што беше предвидено, не постоиме“, забележува Јосифовска.
Според неа, нема простор сите кои дипломирале или допрва ќе дипломираат на овој Институт да работат во невладини организации. Од друга страна пак, и да отворат приватно советувалиште луѓето би пристапиле кон тоа со недоверба бидејќи како што вели, дури и одењето на психолог се уште е табу тема.
Семејнологот – надворешно лице кои соработува со семејствата кога имаат проблем
Ја прашавме и какви знаења стекнуваат како студенти на Институтот за семејни студии и како овој кадар би можел да им помогне на семејствата.
„Земајќи предвид дека семејството е основен столб на општеството, ние го изучувавме од сите можни аспекти. Стававме акцент на врските меѓу членовите на семејството, значи семејнологот е надворешно лице кое соработува со семејството“, истакнува Марија објаснувајќи дека семејнолозите работат со сите членови кога семејството се соочува со траума или транзиција.
„Ако некој има проблем, тој проблем потекнува од домот. Прво со него се соочува семејството. Ние не работиме со единката како психолозите, семејнологот работи со сите членови. Кога цело семејство е вклучено во проблемот, тој е полесно решлив. Кога има брачни советувања, зошто ние тоа да не го работиме ако знаеме дека бракот сме го изучувале од сите аспекти“, додава таа.
Во петицијата пак, се наведува дека е направен превид во Законот за социјална заштита, па профилот семејнолог отсуствува во членот 197 којшто ги предвидува категориите на работни места на вработените во јавните установи за социјална заштита.
Во Законот за социјална заштита, дипломираните семејнолози и стручњаци по родова проблематика се предвидени како кадри во установите за социјална заштита во член 194 ( стручните работи во установите за социјална заштита во зависност од видот на работата, ги вршат стручните работници: -со високо образование: дипломиран социјален работник, правник, дипломиран по јавна администрација/јавен менаџмент, психолог, педагог, дефектолог/специјален едукатор и рехабилитатор, социолог, економист, андрагог, логопед, лекар, специјален педагог за превенција ресоцијализација, здравствен работник, воспитувач, стручњак по родова проблематика, семејнолог).
Меѓутоа, профилот семејнолог отсуствува во членот 197 од Законот. На овој начин директно се прекршуваат правата на дипломираните студенти (семејнолози) на Институтот за семејни студии Филозофскиот факултет – Универзитет св. „Кирил и Методиј” да се вработуваат како стручни соработници во установите за социјална заштита – се појаснува во петицијата.
МОН: Студентите може да добијат информации за перспективата на студиските програми од центрите за кариера
Македонски медиа сервис се обрати до Министерството за образование и наука. Прашавме дали семејнолозите се бараат како кадар во образовните установи ширум земјава, кои се аргументите за оправданоста на постоењето на Институтот за семејни студии ако, како што тврдат дипломираните не можат да се вработат во институции каде би биле даватели на јавни услуги и дали се размислува за средба со нивни претставници?
Од МОН не одговорија конкретно, но образложија дека секоја студиска програма, вклучително и посочената, се формира на предлог на Наставно – научниот совет, а ја усвојува Сенатот.
На секој факултет пропишано е постоење на Одбор за довеба и соработка со јавноста во кој членуваат релевантни чинители од општеството и на кој може да се расправа за предложена студиска програма. По усвојувањето од Сенатот, студиската програма треба да добие решение за акредитација и решение за почеток со работа – се додава во писмениот одговор од МОН.
Од ова Министерство додаваат дека високообразовните установи при изработка на студиските програми ја образложуваат и нивната општествена оправданост која ја цени Одборот за акредитација.
На секоја високообразовна установа постои Центар за кариера во кој на студентите може да им се дадат информации за перспективите на студиските програми. Секоја студиска програма подлежи на евалуација на која може да се расправаат нејзините недоследности доколку такви бидат образложени, во овој случај во поглед на вработувањето – се посочува во одговорот.
Побаравме одговор и од Министерството за труд и социјална политика дали ќе организираат средба со претставници на семејнолозите, како го коментираат нивното барање за законска измена и колку лица кои дипломирале на Институтот за семејни студии се вработени во установите за социјална заштита. До овој момент, од МТСП не одговорија на новинарските прашања поврзани со оваа тема.
Вања Мицевска