Одговорно тврдам дека реформата се однесува само на подобрување на образовниот систем, вели Царовска – ММС
ММС

Објавено на: 06/7/21 8:53 PM

Одговорно тврдам дека реформата се однесува само на подобрување на образовниот систем, вели Царовска

Целиот процес на унапредување на основното образование се води согласно Законот за основно образование, што предвидува концепција за основно образование и ги содржи сите потребни елементи за да може понатаму да се спроведува планот за подобрување на основно образование, вели министерката за образование Мила Царовска.

Наставните програми за прво и четврто одделение се подготвени и ќе започнат да се имплементираат од септември, рече министерката Царовска вечерва во емисијата „Анализа 24“ на ТВ 24, каде за новата реформа во образованието дебатираше со претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска и со претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

-Тоа што ние сме научени учебникот да биде единствен извор на информација и знаење е голем проблем за досегашниот образовен систем. Новата концепција предвидува дека истиот тој материјал е еден извор, но истиот треба да се поврзе со други извори, мултимедијални содржини за да знаењето не биде само фактографско помнење на фактите до вчера, а утре веќе не ги знаете, напротив треба да ги поврзе со целиот систем на живеење и постоење на ученикот за да можат да бидат запомнети и искористени понатаму во следните нивоа на образование, додава Царовска.

Министерката за образование нагласи дека професори од сите педагошки факултети кои се обучувачи на наставниците, заедно со истакнати наставници поминуваат четиридневна обука заедно со професорите од факултетите со цел да навлезат во темата и понатаму најсоодветно да ја одговорат и пренесат на останатите наставници.

-Во моментов се обучуваат 4.000 наставници и тоа во втор циклус, таков тип на обуки ВМРО-ДПМНЕ за 12 години никогаш не организираше и тоа е страшно што Кембриџ е воведена за еден месец со полудневна обука, за разлика од сега кога имате три циклуси по четири дена за да може во септември да се соочат со предизвиците, иако се искусни јас верувам во секој од нив и токму затоа системот на поддршка ќе продолжи и во наредниот период во текот на целата учебна година за да се согледаат сите недостатоци, бидејќи нема совршен систем, посочи Царовска.

-Трагична е потребата на ВМРО-ДПМНЕ да зборува на тема образование и постојано да го поврзува основното образование со друго соседско прашање или надворешно политичко прашање. Јас секогаш сакам да зборувам за факти, вели Царовска посочувајќи дека досега не постои надворешен договор што бара да се промени содржината на учебниците.

Министерката додаде дека одговорно тврди оти реформата се однесува само на подобрување на образовниот систем  и посочи дека програмата за четрто одделение на тема „Мојата татковина“ ги содржи сите историски моменти што државата треба да ги памти, а учениците треба да ги научат.

МИА