Со панихида што ја отслужија свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – Охридска архиепископија, како и со полагање на венци и букети цвеќе на спомен плочата посветена на 10-те загинати припадници на АРМ од Прилеп, денеска во месноста Карпалак, на автопатот Тетово Скопје, беше одбележана 17-годишнината од нивното загинување.
Државни, воени и други почести на загинатите прилепски бранители им оддадоа делегации од Министерството за одбрана, Кабинетот на претседателот на државата, Владата, Собранието, општината и Советот на Прилеп, членови на семејствата на загинатите, здруженијата „Карпалак“, Одбор на бранители, воени обврзници, воени ветерани, Бедем од Тетово, здружението на Срби и Македонци КУД Бранко Чајка од Тетово, навивачката група Војводи како и претставници од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ од нивните централи и од Тетово.
Во своето обраќање претседателот на Одборот на бранители Марин Најдов сподели дел од своите сеќавања на овој ден од пред 17 години кога со други војници од Прилеп биле на армиските позиции на Попова Шапка.
-На овие десеттмина овде загинати единствената вина им беше што се отповикаа на поканата да ја бранат својата татковина, без разлика на цената што ќе ја платат и која ја платија, а тоа беа нивните животи, за жал. Тоа беше страшен ден во нашата понова историја, како за семејствата, така и за нас бранителите и сите граѓани на Македонија. Немаме право да изгубиме волја да ги чествуваме и евоцираме спомените на нив бидејќи тоа е најмалку што можеме да направиме за нив после се. Секое злосторство е вечно и не може да се заборави и оправда. Можеби политиката некогаш има потреба да го направи тоа, но ние бранителите немаме право на тоа, рече Најдов.
Според возачот на нападнатиот и изгорен автобус од тогашниот армиски конвој Ацо Јованоски Реган останува големата болка поради немањето достоинствено спомен обележје за прилепските бранители на местото од нивното загинување во Карпалак.
– Секоја година го одбележуваме овој ден без достоинствен споменик на кој ќе положиме цвеќе, туку тоа го правиме на банкината од автопатот. Овие загинати заслужуваат многу повеќе, а ние како град Прилеп и прилепско сме горди бидејќи тие го дадоа најскапоценото, нивните животи, бранејќи го интегритетот на Македонија, изјави Јовановски.
Поранешниот бранител Стојанче Ангелов, кој денеска присуствуваше на Карпалак како претставник на Владата, најави дека Владата ќе се обиде да го зачува споменот на сите бранители кои го дале животот за државата, како и да им помогне на нивните семејства, воените инвалиди и сите други засегнати бранители на државата. Во однос на барањето за изградба на споменик во Карпалак, Ангелов рече дека постојат повеќе спомен обележја посветени на десетте загинати прилепски бранители меѓу кои централното е на плоштадот во Прилеп, но оти како Влада доколку добијат официјална инцијатива за тоа ќе ја разгледаат и како што рече Ангелов ако таа биде издржана ќе помогнат во нејзината реализација за поставување спомен обележје на Карпалак.
На одбележувањето беше и пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Влатко Ѓорчев кој истакна дека ова е тажен помен и момент за сеќавање како и вечна слава за сите кои се бореа и загинаа за Македонија.
На 8 август 2001 година на патот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата на Република Македонија при што загинаа десетте армиски припадници од Прилеп и прилепско Нане Наумоски, Сашо Китановски, Горан Миновски, Ердоган Шабановски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Велјановски, Пеце Секуловски, Веби Рушитовски и Мирко Деспотовски.